Лесновски манастир: Големо духовно светилиште од кое се ширела словенската писменост

На југозападните падини на планината Осогово, на надморска височина од околу 870 метри, петнаесетина километри од Пробиштип, на старо вулканско подрачје е распослано селото Лесново, прославено по својот манастир посветен на Св. Гаврил Лесновски и по црквата посветена на Св. Архангел Михаил, комплекс попознат како Лесновски манастир.

img

Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. Постои мислење дека бил изграден во втората половина на XI век, кога во краиштата северно од Брегалница силно бил развиен култот за пустиножителите, меѓу кои и за Гаврил. Се смета дека ктитор на црквата Св. Архангел Михаил е деспотот Јован Оливер, кој во 1341 година ја подигнал врз темелите на постара базилика од времето на Гаврил. Најбележит период од постоењето на Лесновскиот манастир е средината на XV век, кога тогашниот српски цар Душан ја назначил за седиште на новоформираната Злетовска епархија.

Лесново се смета за големо духовно светилиште од кое се ширела словенската писменост и каде постоело едно од најстарите училишта во Македонија, основано во XI век. Постоела книжевна школа (Лесновски скрипториум) од XI век и калиграфска (препишувачка) школа од XIII век. Во периодот помеѓу X и XIV век во Лесново е создадена големата Лесновска Лавра, позната како најголема монашка република на Балканот со над 200 монаси во манастирот и стотина во околината во различни параклиси, пештери за испосници, но и скитови (мали молитвеници во карпа). Денес има остатоци од преку 20 скитови, разместени на атрактивни природни локации, неодминливи места за секој посетител на Лесново. Исто така, на кривината непосредно пред селото, вниманието го одвлекува еден карпест рид „изрешетен“ со дупки, настанати од експлоатација на воденички камења, кои биле многу барани поради квалитетот на обработка. Речиси секоја „пештера“ му припаѓала на некое семејство од Лесново, од каде со запрежни коли ги пренесувале камењата низ целиот Балкан.

До 40-тите години на XIX век во манастирот се наоѓала и една од најголемите библиотеки на Балканот, со голем број книги и ракописи, од кои голем дел се однесени во библиотеките во Софија, Белград, Загреб, Москва и Санкт Петербург. Во манастирските конаци има параклис посветен на Св. Наум Охридски, а стисната меѓу конаците се издига висока кула од камен, најверојатно од XIV век, на која се наоѓа камбанаријата со ѕвоно од 1860 година. Од фреските, најпознати се живописите на цар Душан и царица Елена, како и на ктиторот. Она Лесновскиот манастир му ја зголемува вредноста е прекрасниот висок иконостас од XIX век, резба во ореово дрво, изработен од мијачките мајстори предводени од Петре Филиповски - Гарката, во периодот од 1811 до 1814 година. Ова е најстариот од трите зачувани иконостаси работени од овие мајстори, покрај оние во скопската црква Св. Спас од 1824 година и во Бигорскиот манастир од 1835 година.

Денес, манастирскиот комплекс го сочинуваат црквата, кулата - камбанарија, магацинската зграда со неколку помошни простории и обновените конаци од XIX век. Тоа е машки манастир со активен монашки живот. Во дворот на манастирот има необична дудинка (црница) стара 600 години израсната во вид на крст. По допирот со нејзините плодови. кои се необично големи, вкусни и црни, нивната боја многу тешко се отстранува. Според домаќините - монаси во Лесново, на Балканот постојат само три такви дрвја, од кои другите две се во соседна Србија.

Тагови:

Facebook impact:

Објавено четврток, 19 мај 2016 07:28:00
Напишано од Ирина