Промоција на третото издание на збирката „Метрички карван“

На 23 декември (петок) во 19:30 часот во хотел „Аполонија“ во Гевгелија ќе се оддржи промоција на третото издание на „Метрички карван“, заедничка поетска збирка на вкупно 21 поет од Гевгелија и Велес во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија.

img

По „Метрички карван: Гевгелија – Кавадарци“ (2014) и „Метрички карван: Гевгелија – Струмица“ (2015), ова е трета во низата збирки кои имаат за цел комуникација и вмрежување на современите поети од Гевгелија со оние од другите градови.

Во пресекот од страната на Гевгелија се застапени поетите: Васил Тоциновски, Лилјана Пецова Илиевска, Венци Трајков, Жаклина Атанасова, Илија Карајанов, Олгица Ќурчиева, Стефан Марковски, Стефчо Стефанов, Томе Таушанов и Илија Џаџев, додека пак, од велешка страна се застапени: Катица Ќулавкова, Павлина Климкар – Меанџиева, Димитри Соле – Љубин, Лила Арсова, Мане Манушев, Никола Алтиев, Игор Крајчев, Веле Алексоски, Нада Алексоска, Соња Гаврилова и Игор Чоков.

Збирката ќе ја промовира професорот на Филозофскиот факултет и поет, Иван Џепароски, кој во рецензијата, меѓу другото, ќе напише: „Карванот како метафора за движењето и за доближувањето на различните простори, се чини, најдобро ја епитомизира оваа идеја за надминувања на растојанијата.

На тој начин Гевгелија и Велес стануваат блиски, како што стануваат блиски и далеку подалечните простори. Тоа уште во првата половина на минатиот век со својата хуманистичка и космополитска поезија го утврди и основоположникот на македонската современа поезија велешанецот Кочо Рацин кога пееше: куќа цел свет братски ми е.“

Уредници на изданието се Стефан Марковски и Дамјан Ѓуров, а графичкото обликување е дело на Оливера Томиќ.

Facebook impact:

Објавено понеделник, 19 декември 2016 08:57
Напишано од Ирина




Барај