Ахмети: Албанското знаме не е провокација

Прославата на стогодишнината од албанското знаме и основањето на албанската држава не е провокација, а знамињата кои се национален симбол на Албанците, а не знаме на странска држава, се само составен дел од таа прослава, порача лидерот на ДУИ Алу Ахмети во интервју за 24 Вести.

Историјата на овие простори, вели Ахмети, им нанела многу болка и на Албанците и на Македонците и затоа треба разбирање за спецификите и различностите на секоја заедница и меѓусебна почит. Изјавите при кревањето на шестметарското знаме во кичевско, дека Албанците нема да дозволат никоја непријателска рака да го симне.  Ахмети вели дека била инспирирана од минатото и се однесувала на она што се случувало за време на балканските војни, и не била провокација или закана кон никого денес.
„Ова не се први за да се закануваме или да се докажуваме. За ниту еден друг народ нема негативен ефект. Ние не се закануваме. Овие активности не го загрозуваат територијалниот интегритет на оваа наша заедничка држава. Јас сакам да бидам многу отворен со моите сограѓани Македонци. Али Ахмети нема две лица – претпладне да зборува едно со Албанците и да биде патриот, попладне да зборува друго со Македонците и да се претставува како умерен“, изјави Ахмети за 24 Вести.
Според него, неговата партија ДУИ којашто е во владејачката владина коалиција со македонскиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, е единствената партија во албанскиот блок која и со конкретни дела покажала дека е за соживот и заедништво.
„Повелете, најдете ми друга политичка партија – сите се повикуваат на патриотизам, сите се повикуваат на државата и ги сакаат платите и бенефициите од државата – но државното знаме ниту една партија на Албанците не го користи. Јас тоа го правам. И го правам со најголема одговорност, со почит кон државата, почит кон заедницата“, рече  Ахмети

Макфакс

Објавено сабота, 24 ноември 2012 02:04:10
Напишано од admin




Магазин:Најчитани

Барај