Камчев: На 11 декември убедливо ќе победиме со остварените ветувања и новата Програма

Камчев: На 11 декември убедливо ќе победиме остварените ветувања и новата Програма

img

Ѓоко Камчев е роден 04.10.1975 во Валандово. Дипломирал политички науки на Правниот факултет во Скопје.Член на ОК ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година, претседател на ОК од 2005 до 2012 година, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ од 2004 до 2012 година, носител на листа на советници на локалните избори во 2005 и 2009 година и претседател на Советот на Општина Валандово еден мандат. Член е на централната антикорупциска комисија на ВМРО-ДПМНЕ. Избран е за пратеник во последниот собраниски состав.Во собранието бил член на комисиите за надворешна политика и локална самоуправа, а заменик во собраниските комисии за политички систем и односи помеѓу заедниците и комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство. Член е на пратеничките групи на Собранието на Република Македонија за соработка на парламентите на Кралството Шведска, Република Ирска и Црна Гора. На овие избори е кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија во ИЕ4.

Прашање ПУЛС24:  Што нуди Вашата Изборна Програма со која очекувате да ги добиете гласовите на избирачите?

Камчев: Ние сме политичка партија која е посветена и сака да помогне на секого во државата. Досегашното залагање и вложениот труд за подобар живот се наш најголем адут. Тоа е една од големите разлики по кои се разликуваме од нашите политички противници. На овие избори на 11-ти декември ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија поради нашата посветеност  и делата кои се препознатливи, поради држењето до дадениот збор, но и поради новата програма во која е опфатена секоја општина со низа предвидени проекти со кои ќе се продолжи одењето на Македонија напред.  Дел од Изборната Програма „Реално 2017-2020, работа, сигурност, напредок“ се проектите за повисоки плати, нови 70.000 работни места, повисоки пензии, 600 милиони евра за земјоделски субвенции, нови автопатишта, пруги и нови енергетски капацитети, поголема финансиска поддршка за компаниите, како и многу поволности за започнување на бизнис и намалување на невработеноста. Новата Програма е детална, сеопфатна, со прецизни рокови, со проекти кои ќе обезбедат сигурност, безбедност и подобра иднина за Македонија. Во програмата предвидени се низа мерки за подршка на земјоделците и подобрување на земјоделското производство, потоа,  изградба на 70 канализациони и водоводни мрежи, 580 станови за социјално загрозените, а исто така предвидено е и изградба на 18 нови училишта, 140 градинки, 78 спортски сали, 3 нови студентски домови и уште многу други проекти за подобрување на живеењето во Р.Македонија

Прашање ПУЛС24: Често сте на терен меѓу граѓаните, што најчесто споделуваат со Вас?

Камчев: Секојдневно сум меѓу граѓаните. Тие имаат многу да кажат. Слушајќи ги нив, знаеме што треба да превземеме за да подобриме некој закон, некоја мерка, некој проект. Тие се најдобар коректив на секоја власт. Граѓаните изнесуваат размислувања и нерешени лични прашања. Во последно време се многу загрижени од најавите на опозицијата за двојазичност, редефинирање на државата или задолжителен албански јазик од градинка. Луѓето се згрозени и бараат од нас да не дозволиме некој да си поигрува со нивните чувства и прашањата за индетитетот.

ПрашањеПУЛС24: Најавувате нови работни места во иднина, но и покачување на платите, во следниот четиригодишен мандат. Кажете ни нешто повеќе за ова?

Камчев: ВМРО-ДПМНЕ и досега работеше на раст на платите. Во време кога Македонија влезе во топ 10 земјите во светот според условите за правење на бизнис нам ни е потребен напредок и да не го растураме тоа што го создадовме, туку да го надградуваме и подобруваме. Со досега направеното, невработеноста се намали од 38,7% на 24 % . Отворени се нови 160.000 работни места, од кои 39.000 во последните 2,5 години во време на политичка криза. Странските директни инвестиции достигнаа 2 милијарди и 600 милиони евра. Ја воведовме минималната плата, која  во минатото не постоеше. Се воведе и почна да расте, а предвидено е да достигне до најмалку 14.000 денари. Во програмата “Реално“ е предвидено зголемување на социјалната помош, пензиите и минималната плата. За подобрување на стандардот на населението, ВМРО-ДПМНЕ предвидува зголемување на платите во јавниот сектор  за вкупно 10,25%. Исто така предвидено е и пензиите да се зголемат за вкупно 10,25%, како и зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 50%, во наредниот четиригодишен период.

Прашање ПУЛС24: Валандово е земјоделски крај, какви мерки предвидувате за подобрување на земјоделието?

Камчев: Предвидени се повеќе проекти и мерки од областа на земјоделието како надополнување на досегашните кои се покажаа како доста ефикасни. Би сакал да ги издвојам следните:  Предвидено е дозавршување на проектот за рехабилитација на Пумпна станица Страиште, со што ќе се овозможи стабилно наводнување  на 450 хектари земјоделско земјиште. Исто така ќе продолжи  релизацијата на втората фаза  од проектот за наводнување на Јужновардарската долина, за наводнување на нови 4.500ха земјоделско земјиште во атарот на општините Валандово, Гевгелија и Богданци, инвестиција во вредност од 20 милиони евра. Ќе продолжиме со понудата на парцели наменети за изградба на мали винарски визби, како и со поддршката за кофинансирање на инвестициите во винарските визби преку програмите за рурален развој, рок на реализација до 2020. Веќе се продадени неколку працели во индустриската зона во Јосифово за откупно дистрибутивни центри и ќе продолжиме со објавување за продажба на веќе обезбедените локации за таков тип на објекти коишто ќе овозможат посигурен пласман на свежо овошје и зеленчук. Преку програмата  на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој во завршна фаза е изработката на урбанистички планови за населените места Раброво, Јосифово, Горна маала и Калково. Предвидено е комплетирање на  урбанистичките планови за населените места Пирава, Удово, Брајковци, Балинци, Марвинци, Грчиште,Чалакли, Дедели, Собри, Казандол, Башибос, Прстен и Кочули во општина Валандово, преку проектите за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, во вредност од 6.588.701 денари. Ќе ја опфатиме општина Валандово во проектот “Рурални развојни зони“, со која се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја во атарите на Градец, Бајрамбос, Кочули, Башибос, Удово, Грчиште, Јосифово,Горна маала, Калково, Прстен, Собри, Чалакли,Казандол, Татарли, Дедели, Марвинци, Честево, Балинци, Брајковци, Раброво, Пирава и Валандово.

Прашање ПУЛС24: Какви проекти предвидува Програмата за развој на инфраструктурата во Р.Македонија и  Валандовскиот крај?

Камчев: Инфраструктурата е секогаш високо на нашата листа на приоритети. Инфраструктурната експанзија  во Македонија ќе продолжи како што е предвидено во  нашата нова програма „Реално“. Ќе се градат три нови автопати, шест нови експресни патишта, 60 регионални патишта во вредност од 140 милиони евра, а дополнителни 30 милиони евра ќе се вложат во реконструкција и изградба на 200 нови локални патишта во сите општини. И досега се работеше на тоа поле. Во следниот мандат во Програмата предвидуваме да ја осветлиме крстосницата Николиќ (Валандово – Дојран), понатаму, реконструкција на патот кој ги поврзува Горна Маала и Јосифово во должина од 1.500 метри, реконструкција на локалниот од влезот на населеното место до црквата во село Грчиште во должина од 500 метри,  ќе изградиме мост на Калковска река на регионалниот пат R-110, проект  во вредност од 500.000 евра и ќе изработиме урбанистички планови за проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа за над 36“.Ова се само дел од позначајните проекти за Валандово и најблиската околина.

Прашање ПУЛС24: Младите се иднината на државата. Што предвидувате за да ја добиете нивната поддршка?

Камчев: Проектите за млади предвидени во Програмата „Реално“ допираат до секој млад човек ширум Македонија. Тие се насочени кон создавање на поквалитетен образовен систем, понатамошни инвестиции во спортската инфраструктура, отварање на повеќе работни места, и пред се градење на силна и проспертитетна држава. ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката на младите, а таа поддршка ќе ја оправда со многу работа во нивен интерес. И во наредните четири години се обврзуваме да работиме за младите луѓе. Во Валандово ќе изградиме 2 детски градинки, од кои една во бојмиските села, со капацитет за сместување до 50 деца. Ќе изградиме спортска сала во ООУ  „Страшо Пинџур“ во Јосифово, а ќе изградиме и 2 кошаркарски игралишта за street basket. Младите се иднината на државата. Затоа, ВМРО – ДПМНЕ се грижи за создавање на квалитетни генерации и задоволни млади, кои безрезервно и со сиот личен капацитет ќе се заложат и придонесат за севкупниот општествено – економски просперитет на Република Македонија. Во изминатиот период спроведовме многу проекти, системски мерки и активности наменети за младите. Поддршката на талентот и поттикнувањето на образовните резултати за учениците продолжува, како и доделувањето на паричен надомест за освоено прво место на државен ученички натпревар за освоено прво, второ, односно трето место на меѓународен натпревар по математика или предметите од групата на природните науки. Вработувањето за најдобрите 100 студенти од државните универзитети како  системско решение за вработување на најдобрите 100 студенти од јавните универзитети во Република Македонија веднаш по нивното дипломирање, во државната администрација или во акционерските друштва каде државата има доминантна сопственост. Нови финансиски бенефиции и поволности за студентите преку стипендирање  за постдипломски и докторски студии во земјата, а дополнително, предвидено е намалување на партиципацијата за 50% за студентите од самохрани и еднородителски семејства, како и промена на студентскиот статус, односно преминување од квотата со кофинансирање во државна квота, доколку студентот ја заврши навремено втората студиска година со просек од над 8,5. Најдобрите студенти од државните универзитети и во следните 4 години бесплатно ќе патуваат на атрактивни туристички дестинации.Ќе биде основан Фонд за наука кој меѓу другото предвидува и поттикнување на младите истражувачи за објавувањето на резултатите од истражувањата. Продолжува и поддршката на претприемачите, особено на младите со креативни идеи, преку финансирање на иновации на новоосновани старт ап претпријатија, како и финансирање на комерцијализацијата на иновациите на микро, мали, средни и големи претпријатија.Следејќи ги трендовите на модерното живеење и потребата за стимулирање на физичката активност на граѓаните, предвидуваме поддршка за купување на велосипеди за младите лица до 29 години од семејства со приходи под просечните. Ќе се доделуваат грантови за купување на нов велосипед, најмногу до 40% од цената, но не повеќе од 4.000 денари по лице.  Ова се само дел од проектите коишто се предвидени во Програмата.

Прашање ПУЛС24: Досега имавте многу мерки и проекти наменети за бизнисмените. Што предвидува новата програма “Реално“ за нив?

Камчев: Согласно предвиденото во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2017-2020 ќе спроведеме стотици мерки, активности и проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на бизнис климата, поддршка на стопанството и конкурентноста на економијата.

Во новата Програма 2017-2020 предвидовме:  Проект за Рестартирање на стопанските капацитети – Жртви на транзицијата, за над 320 фирми чии имоти пропаднаа. Согласно Законот за затварање на старите стечајни постапки поголемиот дел од овие фирми се веќе преземени од доверителите и се предмет на извршување. На инвеститорите кои ќе сакаат да ги рестартираат овие стопански капацитети, ќе им се понуди државна помош за креирање на поголем број на работни места, со посебен акцент за ангажман на поранешните вработени- стечајците. Понатаму предвидовме, Проект за Рурални развојни зони со кој се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во 1.600 населени места во руралните подрачја во Македонија. Ќе бидат поддржани инвестиции во индустриски капацитети, откупно дистрибутивни центри, хотели со минимум 20 соби, пензионерски домови, спа центри, болници и спортско рекреативни центри. Инвеститорите ќе имаат обврска најмалку 80% од вработените да бидат ново вработени лица евидентирани како невработени во АВРМ подолго од 6 месеци. Преку проектот ќе се поттикне економскиот развој во руралните средини и ќе се придонесе кон спречување на миграцијата од село во град, преку креирање на нови работни места и зголемување на економската активност во руралните подрачја, вклучително и во посиромашни средини каде има потенцијал за развој и реализација на инвестиции. Во програмата предвидуваме, Македонија и во следните 4 години ќе биде земја со најниски даноци во Европа и земја со најповолна бизнис клима во Југоисточна Европа. Ќе продолжи оданочувањето со 0% данок на реинвестирана добивка. Во наредниот период ќе продолжиме да реализираме бројни капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетиката со посебен фокус на гасификација на земјата, со што ќе го подобриме квалитетот на инфраструктурата во Македонија, како предуслов за јакнење на конкурентноста на приватниот сектор.

Ќе продолжи реализацијата на проектот „Македонија вработува 2“, како и силната поддршка на младите претприемачи со финансиски грантови, обуки, тренинг и преквалификации и други активни мерки преку АВРМ.

Преку Фондот за иновации предвидуваме значителна финансиска поддршка во форма на грантови за старт-ап компании, комерцијализација на иновации и други форми на поддршка на иновациите и истражувањата.

Со кредитните линии од МБПР ќе продолжи поддршката за земјоделството, преработувачката индустрија и извозно ориентираните компании.

Ќе се воведе Бизнис омбудсман каде фирмите ќе може да ги презентираат своите потреби, иницијативи и идеи. Омбудсманот овие барања директно ќе ги презентира пред Владата и во соработка со надлежните институции ќе предлага активности и мерки за подобрување на бизнис климата.

Секако ќе се продолжи со навремено исплаќање на сите обврски на Буџетот кон стопанството за да се подобри ликвидноста на фирмите .

Со реформите во образованието ќе се продуцира кадар со знаења и вештини кои одговараат на потребите на пазарот на труд и барањата на фирмите.

Ќе продолжиме со реализацијата на проектот за јакнење на капацитетите и know-how на домашните компании, преку организирање на обуки од стручни странски експерти согласно интересот и потребите на фирмите.

Прашање ПУЛС24: Во делот на развој на здравството што се предвидува во новата Програма за Валандово?

Камчев:  Навистина во новата програма има многу проекти наменети за Здравствениот Дом во Валандово. Со проектите се предвидува да се модернизира и подобри здравствената усуга кон граѓаните. Имено ќе набавиме 6 нови апарати за потребите на Здравствениот Дом Валандово во вкупен износ од минимум 500.000 денари. Дел од апаратите се следниве: апарат за ласер терапија, апарат за интерферентни струи, апарат за магнето терапија, апарат за вакум, апарат за ултразвук терапија, апарат за електростимулација.

Прашање Пулс24: Во делот на развој на енергетиката во Вашата Изборна Програма се предвидени многу проекти, кажете ни нешто за тоа?

Камчев: Ќе ја ревитализираме набавиме и инсталираме високонапонска опрема во ТС Валандово, ТС Битола 2 и ТС Осломеј, во вредност од 4.900.000 милиони евра, со рок на реализација 2017-2019 година. Предвидуваме да изградиме магистрален гасовод Штип - Хамзали - Струмица – Гевгелија,  во должина од 110 км и крак кон Гевгелија во должина од 7 км, со што природниот гас ќе го направиме достапен за граѓаните Валандово и другите населени места долж гасоводот. Инвестицијата е во вредност од 75 милиони евра, а рок за реализација е периодот 2017-2020 година. Ќе се отпочне со експлоатација на бакар преку концесијата на локалитетот „Казандол“.  Вкупно планирани се инвестициони вложувања од околу 32.000.000 евра, со проектот ќе бидат ангажирани околу 260 работници од Валандово и околината, од кои 100 директно и 160 преку ангажирање на надворешни компании во процесот на експлоатација.

Прашање ПУЛС24: Кога не сте на митнизи, како го трошите Вашето слободно време?

Камчев: Слободното време сакам да го поминам секогаш со семејството и пријателите. Тие се најголемата поддршка и искрено им благодарам.

Прашање ПУЛС24: Што би им порачале на гласачите во пресрет на изборите?

Камчев: На 11 декември Вие ќе ја имате можноста да изберете, Вие сте тие кои ќе одлучите во кој правец ќе оди Македонија, кој ќе ја води во наредните четири години, Вие ќе одлучите дали Македонија ќе остане унитарна држава или ќе стане федерална земја. Сметам дека 11 декември ќе биде голем ден, ден кој ќе означи крај на деструкцијата и назадувањето на државата од страна на опозицијата, ден кога Македонија ќе продолжи да чекори напред , ден кога ќе се стави крај на оваа наметната криза.

На 11 декември гласајте за Вас, за Македонија пред сѐ, бидејќи Македонија ни ѐ над сѐ.

Facebook impact:

Објавено среда, 07 декември 2016 07:51:00
Напишано од виолета


Последни вести