ДЕСЕТ СЕКУНДИ ЗА СУДИЈА

Пред некој ден случајно налетав на една новинарска статија стара веќе цели три години врзана за судството. Ми го привлече вниманието поради изјавата на Владо Поповски, политичар што имал важна улога и бил непосреден учесник во многу македонски транзициски премрежиња.

img

Се работи за неговото сеќавање на 1996 година, време кога беше неприкосновен министер за правда, кога се направи најголем реизбор на судии во македонската историја. Познато е веќе дека тоа беше петта година од нашата државна самостојност, но и ситуација во која тогашната опозиција, поради тврдењето дека имало фалсификат на изборите, го бојкотира учеството во парламентот, кој поради тоа беше еднопартиски.

Но и покрај тој факт, тогашната социјалдемократска власт се реши да изврши генерален реизбор на сите судии. Набрзина беа стокмени списоците, набрзина си поминаа комисиски расправи и веќе во јуни таа година предлозите дојдоа на гласање. Kако млад новинар тогаш присуствував на таа собраниска седница. С` одеше брзо, толку брзо што оддаваше впечаток дека пратениците веќе знаеја кој може, а кој не може во иднина да остане да биде судија. И сега Владо Поповски, во изјавата, откри како сето тоа тогаш практично функционирало: „Ако претседателот на Собранието ја кренал раката, кандидатот за кој се гласало добивал голем број гласови. Но, ако не кренел рака, потенцијалниот судија добивал 20 до 25 гласа од пратениците“, ни откри тогашниот министер за правда кој, нели, имаше клучна улога во тој процес.

Се разбира, парламентарниот спикер имал само сигнална улога. Одлуката за тоа кои судии можат да поминат, а која не била донесена на друго место туку токму во кабинетот на Поповски или на тогашниот партиски шеф на социјалдемократите. А по нејзината примена не беа избрани дури шеесетина судии, кои потоа мораа да се снаоѓаат на различни начини за да преживеат. А с` друго што потоа следуваше и се случуваше со македонското судство беше носење хипотека на партизирано судство и обидите на политичката опозиција подоцна да си го поврати влијанието во оваа сфера, а што не одеше ниту лесно ниту подоцна можеше да се направи за кусо време и како еднократен чин на некаков повторен реизбор.

Дваесет и една година подоцна добро е повторно да се потсетиме на ова во ситуација кога потенцијалниот и мошне веројатниот премиер на новата владина коалиција најави дека еден од првите потези ќе им биде токму генерален реизбор на судии. Тоа е работа што ја најавуваа и во предизборието и која, очигледно, брзо ќе дојде на ред за правење. Kако и од чија страна, не се кажува. Небаре се работи за промени на претседатели на месните заедници. А како што излезе со начинот како беше избран новиот парламентарен претседател, нема да биде чудно ако и во случајот на судиите се примени истиот рецепт. Односно, Талат Џафери сега да ја има улогата на сигнален фактор за тоа кој судија ќе може да помине, а кој не. Поинаква шема јас не можам да замислам оти сите релевантни и базични уставни и законски одредби предупредуваат дека генерален реизбор не е можно да биде направен така како што го најавува партискиот лидер на социјалдемократите.

Мандатот на судиите е траен, изборот го врши Судскиот совет, а судиите може да се сменат само поради несовесно и нестручно вршење на судиската функција и потешка дисциплинска повреда… Сето тоа се клучни одредби, кои, како држава, сме ги определиле и вградиле во нашето законодавство како резултат на судските реформи правени со учество и надзор на ЕУ за да ги исполниме критериумите за членство. И кога сега идниот премиер ќе каже дека ќе прави нешто сосема надвор од Уставот и законите што постојат во државата, како тоа треба да се сфати? Kако легитимна намера, како правно издржана постапка втемелена на нашите прописи? Јасно дека не треба, но она што треба да н` загрижи не е само намерата на ваквиот упад во судскиот систем.

Мене лично повеќе ме загрижува молкот на стручната јавност за ова. Забележува ли некој дека освен што со реакции во јавноста на оваа тема се појавуваат еден поранешен министер за правда, еден актуелен и еден поранешен претседател на Судскиот совет, една професорка по Уставно право и по некој аналитичар и новинар, друг ретко кој да реагира и да се спротивстави на оваа партиска намера. Што тоа значи? Дека на другите припадници на правната фела во државата – на судиите, на нивното Здружение, на универзитетските професори што ги образоваат идните правници, на други интелектуалци во земјава… не им пречи оваа идеја и намера. Исто како што само на малкумина во земјава им попречија скандалозните, смешните и апсурдните изјави на истиот партиски лидер дека „Македонците се ист и еден народ со Бугарите и со Србите“?

Што, всушност, значи молчењето на голем дел на мислечките луѓе во земјава: одобрување, страв од последиците на спротивставувањето, калкулирање со добивање добра позиција во ешалоните на власта што ќе се ослободат? Сигурно дека сите причини се во игра, но прашањето е дали е тоа токму она што како промени треба да го добиеме. Патем, зошто нема ниту една јавна реакција токму од многубројните правни експерти, советници, амбасадори, секретари на амбасадите… кои на секои два-три месеци ни доаѓаат за да ни одржат нови сесии на обуки за наши судии и обвинители за да ги научат и обучат како да бидат независни и да донесуваат непристрасни судски одлуки ослободени од секакви политички влијанија. Или ова се смета за дел од реформите што треба да следуваат и со кои повторно ќе ни се случи изборот на сите судии да се врши за десет секунди и со поглед кон раката на претседателот на парламентот.

Бранко ЃОРЃЕВСКИ за Дневник

Facebook impact:

Објавено среда, 10 мај 2017 11:36:00
Напишано од Виолета



Последни вести