ОДЕЊЕТО ПО ЖИЦА Е ЦИРКУС, НЕ Е ПРАВО

img

Се докажа дека нашето судство до перфекција ја има навежбано циркуската дисциплина одење по жица. Судиите докажаа дека повеќе се разбираат од балансирање и тонирање на бескрајно глупите специјални предмети оформени во канцелариите на СЈО/СДС отколку што се разбираат од македонските закони и судската пракса на ЕСЧП. Ги прифаќаат за точни и за меродавни исказите на сегашниот премиер дадени против поранешниот премиер, искази кои јавноста не ги есапи како меродавни во политичка/изборна кампања, а не пак за сериозни докази во судски процес.

Значи, Заев дал исказ против Груевски дека Груевски направил одредена злоупотреба на својата положба во времето кога бил премиер (а што друго може да се очекува од политички опонент) и сега замислете целото судство стои во став мирно и со денови расправа за исказот на Заев небаре станува збор за исказ даден од Бога, а не за исказ даден од обичен трчилаж. И додека првостепениот суд убаво си констатирал дека за да има основи за изрекување притвор потребно е СЈО да наведе конкретни примери на влијание врз сведоци, конкретни примери на влијание врз постапката од страна на Груевски и останатите обвинети, а не апстракции и измислени крими филмови од специјалните обвинители, Апелација како второстепен повисок суд не остана на теренот на правото за што е обврзана со Уставда бара од СЈО конкретизација на таквите измислени сценарија со наведување на факти и личности што би го потврдиле влијанието, туку едноставно одлучи да се стави на жица и да ја прифати одлуката на првостепениот суд како правно издржана.

Иако на хартија второстепениот суд има поголема обврска да ги цени доказите, да ја води постапката согласно начелата на објективност, пропорционалност, законитост, а не да се докажува во процесот дека е одличен циркузант, за жал, апелацискиот совет се одлучи за второто. Јавно ги прашувам судиите од апелација кои одлучуваа за предметите на СЈО дали намерно го заборавија членот 4 од Законот за кривичната постапка насловен како „Одлучување на начин поповолен за обвинетиот (in dubio pro reo), каде недвосмислено стои дека „За сомневањето во однос на постоењето или непостоењето на фактите што го чинат обележјето на кривичното дело или од кои зависи примената на некоја одредба од Кривичниот законик, судот ќе одлучи на начин поповолен за обвинетиот“?

Дали апелациските судиинавистина беа убедени дека со одземањето на патната исправа на Груевски и на голем број обвинети во случаите, и со утврдување обврска еднаш во неделата обвинетите да се јавуваат во судот го испочитувале член 4 од ЗКП?

Се сомневам. А и тие, убедена сум, длабоко во себе се сомневаат. Се сомневаат затоа што се свесни дека нивните одлуки не се засновани исклучиво врз основа на закон, туку врз основа на политички прагматизам и конформизам, да не се замерат со сегашната власт и со странскиот амбасадор. Нивните одлуки немаат никаква врска со Јустиција и со Уставот пред кои ја имаат дадено заклетвата во моментот на стапувањето на судската функција, ама затоа пак имаат многу врска со политичкиот аманет даден пред дремачите во судот вработени во една амбасада во Скопје кои во секој момент ја надгледуваат работата на судиите и веднаш испраќаат информации од терен до Сценаристот.

Жално и срамно е да се деградира судиската функција до степен на кловнови и одачи по жица во „Медрано“. Судиската функција е, пред се, личен интегритет, лична, стамена независност и недопирливост. Судиската функција е многу повеќе од пронаоѓање прагматични, конформистички решенија во тешки политички времиња на безобразни и крајно недолични странски притисоци врз нашата земја. Судиската функција е многу, многу повеќе од  задоволување на желбите на обвинителите во СЈО кои пак се трансмитери на желбите и интересите на странскиот Сценарист. Судиската функција е, пред се, функција која мора да биде заснована на стриктна примена на Устав, на закон и на меѓународни договори ратификувани во согласност со Устав, и ништо помалку од тоа.

Желбите на Сценаристот и на Заев можат да се исполнуваат само во приватни машини за желботеки. Белким судии не се симнавте до тоа дереџе да бидете нечии џубокси! Вашата одговорност во применатана владеењето на правото е во моментов најголема. А владеењето на правото нема никаква врска со одењето по жица, нема никаква врска со некакви жонглерски способности на кловновите, со фрлачите на оган. Факт е дека овие способности му се потребни на Заев и неговиот ментор да го забавуваат народот. Овие вештини одлично ги има навежбано пијар-тимот на Заев кој е платен за тоа да ја дефокусира јавноста со некакви идиотски предмети за наводно сторен криминал додека нивниот шеф во позадина ја распродава државата за една чорапогашта и за едно сиртаки.

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Facebook impact:

Објавено среда, 26 јули 2017 12:09:00
Напишано од емилија


Последни вести

img

СВЕТСКИОТ ГОТВАЧКИ ВРВ ЌЕ СЕ НАТПРЕВАРУВА ВО СТРУМИЦА

Шеесетина врвни Master Chef судии и околу тристотина натпреварувачи и гости од цел свет, од утре ќе го отворат Вториот Интернационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2017. И по обемот и по квалитетот на имињата кои што нешто значат во светот на гастрономијата, овој настан е најголемиот кога било одржан кулинарски натпревар не само во нашата земја, туку и во поширокиот регион. Вториот Интернационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2017, ќе се одвива од 24 до 28 октомври во Струмица, а домаќин ќе биде Хотелот Вила Парк. Големиот настан кој што е влезен во календарот на глобалните случувања од ваков тип, е во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија - ГастроМак, со логистичка поддршка од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот. 

img

Прилеп го одбележа државниот празник 23- ти Октомври

Годинава државниот празник 23 –ти Октомври Прилеп го одбележа скромно со положување на цвеќе на личностите кои го дале својот . По повод одбележувањето на државниот празник 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, делегација од локалната самоуправа на општина Прилеп и претставници од  политичката партија на ВМРО ДПМНЕ и Коалцијата положија свежо цвеќе пред споменикот на: Методија Андонов – Ченто, Пере Тошев и  Ѓорче Петров, а една делегација се поклони и положи цвеќе на гробовите на Пере Тошев, кој се наоѓа во црквата Св.Благовештение и на гробот на  Методија Патчев, во Кадино село. При оваа пригода градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески го истакна знaчењето на овој празник за македонскиот народ и ја потенцира важноста од зачувувањето на интегритетот и суверенитетот на Р. Македонија.