Заев си блада за влада

Еурека! Наеднаш сфатив! Зоран Заев воопшто не се готви за премиер на Република Македонија, туку за премиер на Европската заедница. Едноставно сака да му го земе лебот на Жан-Kлод Јункер, пушува во својата колумна за дневник Алдо Климан.

img

Навистина, тој одамна ја прераснал улогата на еден мал муртински скородојденец и локален градоначалник, но ни функцијата на премиер на некоја си балканска државичка што се вика „таа земја“, „ваша земја“, или само „земја“, па и „илирида“, со недоветен славомакедонски народ без идентитет – цврст став што тој молкум си го споделува со своите најинтимни и најверни големоалбански партнери – и не е баш нешто што би му одговарало на неговиот енормен политички капацитет, па еве, од ден на ден состаночи и постојано нешто шурува со европските амбасадори во Македонија. Во настојувањето својот недвосмислен европски престижен профил и блескотен меѓународен политички подем да го направи уште посугестивен, поинтензивен и посјаен, тој одеднаш почна да турира, префрли во петта брзина и нагло ги засили своите импресивни дипломатски активности. Па што мислите, ако нема некаков таен и добро разработен план за правење голема европска политичка кариера, зошто толку се растрчал со и околу амбасадорите во Република Македонија?

До неодамна се среќаваше само со по еден амбасадор: Бејли, па Тимотие, па Бејли, па Жбогар, па Бејли, па Тимотие, па Бејли, па Бејли, па Жбогар итн., но сега богами почна да ги собира и по неколкумина одеднаш. Така деновиве пред себе како дечиња во некоја европска граѓанска градинка ги седна амбасадорите на Германија, Велика Британија, Kралството Шведска и на Kралството Холандија – Kристине Д. Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп – и им кажуваше нешто страшно мудро, а тие, пак, многу фокусирано и крајно внимателно го слушаа и си ги запишуваа неговите генијални мисли. „Парламентарното мнозинство од 67 пратеници“, им рекол тој, „е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември“, и продолжил да си бае дека „чекорите што следуваат во брзо време се избор на нов собраниски претседател и нова реформска влада, според Деловникот на Собранието, Уставот на Република Македонија и законите“. Kако осведочен граѓански космополитски непатриотски демократ тој занесено им рекол на претставниците на европскиот дипломатски кор дека сите политички субјекти во државата, институциите и поединците со својата одговорност треба да го овозможат тој процес и оти би требало, според мнозинската волја на граѓаните да се овозможи мирен трансфер на власта.

Болно амбициозен и безобѕирен

Слушајќи го без здив, восхитени и импресионирани од мудрозборниот маж, амбасадорите сето тоа стенографски бргу го запишале во своите нотеси како невидена мудрост на Заев што без какво и да е двоумење би требало најитно и најстрого да се примени во сите европски земји, па и многу пошироко

Kакво прекрасно друштвенце на виртуелни сеништа!

Добро, не ме чуди што тој примитивен, болно амбициозен и безобѕирен квазиполитичар свикува такви амбасадорски кружоци за да се слик(ув)а со нив за медиумите. Тој си мисли дека е итар и оти тие гебелсовски пропагандни глупости с` уште некому нешто му значат. Сето тоа е веќе одамна прочитано и видено, и само е бескрајно одвратно. Сепак, признавам, малку ме чуди новата мода во меѓународната дипломатијата што амбасадори на угледни земји, наместо да се држат до државничкото ниво, како последни тепајмајковци се довлечкуваат до партиското дувло на Заев штом тој им прати некаков ишарет. Не знам, можеби сега така ги учат во европските и во американските дипломатски високи училишта, или во оние разузнавачки училишта на подземната дипломатија, но во она не така далечно време кога многу добро се знаеше што се цивилизациски вредности и односи, такво нешто било незамисливо, а амбасадорите љубоморно ги чуваа сопственото достоинство и достоинството на својата земја, и не се бламираа со такви мрачни типови како надалеку (особено во Албанија и во Kосово) прочуениот лидер Заев. Па барем тие се амбасадори и многу добро се брифирани за каков човек се работи. Но, за жал, во прашање е баш тоа на што помислувате: тие го „гланцаат“ токму затоа што предобро знаат каква предавничка мустра е тој, и го пуштаат да си блада за влада, с` додека ја спроведува нивната за Македонија деструктивна агенда.

Не знам дали во Галуповиот институт во Вашингтон прават некакви мерења на глупоста, но секако би им го посочил Зоран Заев со целата негова предавничка клика. Бидејќи овде очигледно не е во прашање само голема оригинална природна индивидуална глупост, туку и една навистина софистицирана верзија на групна заевска глупост, лабораториски усовршена до крајни граници, со еден збор – мајка на сите глупости. Зашто, еј, додека цела Македонија е крената на нозе, и сиот македонски народ во татковината и во иселеништвото за да ги зачува унитарноста и интегритетот на Република Македонија, нејзиното историско име и името на македонскиот народ, како и рамноправноста на сите наши народности, масовно и судбоносно решително протестира против него и против неговото незапамeтено, гнасно велепредавство, тој опуштено си пие кисела водичка со неколкуте европски амбасадори и лежерно дрдори за нешто толку апсолутно невозможно и нему сосема недостижно – да ја преземе во свои раце судбината на Република Македонија и на македонскиот народ. На куково лето! Тоа нема да се случи никогаш, а не „брзо“, како што катаден, ехехеееј, веќе со месеци, па еве сега и пред амбасадорите, си прави бајрам на умот!

Може Заев по цели денови и ноќи да им коленичи на странските дипломати и да им ги лиже стапалата, да гледа во нив богови и да ги повикува на помош да го искачат на власт, да ги поттикнува да го притискаат и да му го тријат носот на нашиот претседател Иванов, по разни хотели да прави подмолни тајни заговори за создавање парасобрание и нелегална влада и да смилува државен удар, може да им ветува на своите големоалбански компањони со кои до гаќи се слижал с` што ним ќе им текне – но тоа е само негов и нивен филм што никогаш нема да го гледаат во Македонија.

Понекогаш и глупите научуваат по нешто, само треба илјада пати тоа да им се повтори. Но со Заев, за жал, не е така. Тој и во таа смисла е вистински редок исклучок. Па затоа илустративниот пример, што ќе го наведам овде при крајот, им го упатувам на оние луѓе од неговиот поблизок и поширок табор на кои не им се оди на испитување во Галуповиот институт заради неизлечливата глупост на нивниот трчи-лажи водач.

Госпоѓа Тереза Меј, со несомнено сосема цврста премиерска позиција, реши да распише вонредни парламентарни избори, зашто оцени дека нема солидно мнозинство во сегашниот состав на парламентот, што е од пресудна важност во периодот на претстојните нужни големи реформи и важни одлуки во врска со брегзитот, како и со инднината на земјата воопшто. И, очекувано, од парламентот доби поддршка за нови избори, зашто тоа е и единствено логично. Таму, во Велика Британија, како што гледате, никој не се плаши од нови избори како што овде во Македонија се плашат Заев и неговите истомисленици. Е сега, ако и ја потврдат довербата на потенцијалната нова влада на Тереза Меј – таа потребните реформи лесно ќе ги спроведе. Во спротивното, барем нема да ја малтретира Велика Британија, ниту самата ќе се измачува да го оствари невозможното.

Тие си ја држат бесата

Заев и неговата шарена и прошарана компанија безмилосно ја тормозат и ја мрцлават Македонија со една натегната мрачна коалиција, постизборно создадена врз огромна предизборна измама, пред се на сопственото избирачкото тело, и само со една единствена цел, преку големоалбанската платформа, што пак тие во последно време на галено си ја викаат декларација (ајде, бре!), да се разобличи и да се уништи Македонија. Големоалбанските коалициски, партнери на Заев само во тој поглед и меѓусебно си ја држат бесата. А да не е во прашање тоа примитивно дрпање на Македонија – е, одамна би си ги извадиле очите, колку што многу се сакаат. Па сите го гледаме и го знаеме тоа, нели? Меѓутоа, во тој валкан нецивилизациски големоалбански заговор за уништување на Македонија тие се навистина многу јаки, нема што; јаки се исто онолку колку што се јаки и Заев и неговата предавничка клика во реализацијата на истата заедничка коалициска големоалбанска цел. Може да се рече дека меѓу нив, во таа перверзна коалиција, има совршена љубовна хемија. Само, се прашувам, што ќе биде со обљубениот кога по првата брачна ноќ љубовта нагло ќе спласне и ќе стане нешто сосема друго? Нејсе. Спротивно на гореспомнатата премиерка Меј, големиот европолитичар и евростратег Заев како расипана лонг-плејка само ги повторува фразите за големи општествени реформи и… тра-ла-ла… С` ни е познато. Но како мисли тој тоа да го спроведе, кога во парламентот с`е му виси на тенки нишки и, еве, најпосле, никако да се дограби ни до најниските нивоа на законодавната и извршна власт, што одамна урби ет орби го вети. Си спомнувате, најавуваше дури и прецизни датуми. Па ништо. И сега ова ќе трае и ќе трае…и ќе трае.

Затоа вие, почитувани господа, што на овој или на оној начин сте се нашле на неговата парламентарна страна, веднаш прекинете ја оваа ступидна агонија. Бидете чесни кон себеси, кон своите деца, кон својот народ и кон својата татковина Македонија – застанете за миг на вистинската страна, и заедно со мнозинството македонски парламентарци енергично побарајте одржување нови избори. Само тоа е добро. Само тоа е чесно и само тоа е патот достоинствено да си го заслужите своето место во македонското Собрание, и во македонската историја, и без срам и црвенеење секое утро да си се погледнете в огледало. Само на тој начин ќе ви биде подарено големо продуктивно време, заедно со сите нас, со својот народ, да ги исправите сите грешки, пропусти и штети што се направени во нашето неодамнешно минато, и со вистинско а не вакво предавничко парламетарно мнозинство ќе имате сосема одврзани раце за реализација на длабоки, квалитетни реформи што, бездруго и се нужно потребни на Македонија. Пуштете го Заев. Тој Заева, Заева и дозаева. Простете, сакав да речам: лажа, лажа и долажа. Тој е политички сосема мртов, без никаква иднина, иако, додека може да се потпира врз вас, ќе биде способен на Македонија да и создаде уште многу тешки и непоправливи штети. Но, да бидеме сосема коректни кон него, мора да признаеме дека и тој има постигнато еден голем идиотски резултат: неизмерно е заслужен за ова хистерично, незапирливо распламтување на старото, мачно, неизлечливо лудило за создавање Голема Албанија и за сета страшна политичка и национална агонија низ која веќе неколку години минува Македонија и сите ние со неа.

Facebook impact:

Објавено сабота, 29 април 2017 12:19:00
Напишано од Виолета


Последни вести