Се реновира градинката “Сончоглед” во Кисела Вода

По 42 години, објектот на градинката “Сончоглед”, кој се наоѓа на улицата “Локов” во населбата Кисела Вода и е дел од ЈДГ “Весели Цветови”, ќе добие нов лик. Околу 900.000 денари е вкупната инвестиција за реконструкција на градинката, со која се опфаќа промена на ламинатот на површина од 800 квадратни метри, внатрешно молерисување на објектот, отстранување на старата ламперија и поставување на гипс-картон со глетување на ѕидовите.

img

Ова е прва фаза од целосната реконструкција на објектот, кој датира од 1975 година, а во која досега немало некој покрупен реконструктивен зафат. Втората фаза од реновирањето ќе се реализира до крајот на 2017 година и ќе опфати санација на тоалетите, а веќе во третата фаза која е предвидено да се реализира во 2018 година ќе се изврши реновирање на делот со јаслите, промена на прозорците и ламинатот.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ денеска изврши увид во реконструктивните зафати за подобрување на условите за згрижување на околу 260 деца во оваа градинка.

-“Вложувањето во објектите на детските градинки е еден од врвните приоритети во работата на општина Кисела Вода, во изминатиов 4-годишен период. Изградивме 3 нови градинки, во Припор, Пинтија и Црниче, токму на местата каде што досега на територијата на општина Кисела Вода воопшто и немало, се со цел да се излезе во пресрет на потребите на жителите за згрижување на децата од предучилишна возраст” – изјави Беличанец Алексиќ.

Директорката на ЈДГ “Весели Цветови”, Валентина Божиновска се заблагодари на општината и на градоначалникот Беличанец Алексиќ за целокупната помош во делот на градбата на новите објекти и реконструкцијата на постоечките, со кои како што рече, се подобруваат условите за работа на персоналот, но и условите за згрижување на најмладите жители на општината.

Тагови:

Facebook impact:

Објавено четврток, 10 август 2017 11:37:00
Напишано од Емилија