Tридневна жалост во Тетово за настраданите во пожарот

Со минута молчење започна денешната вонредна седница на Советот на Општина Тетово посветена на последиците од вчерашниот голем пожар во градот при што настрадаа Фатиме Зулбеари и нејзините малолетни деца, а беше причинета и поголема материјална штета на три куќи од улицата.

img

Советниците го усвоија Извештајот од командирот на Противпожарната единица Ука Алити околу преземените мерки за справување со огнената стихија, но, како што рече Алити, и покрај сите напори на ангажираните пожарникари и техниката со која располагаат тие иако успеале да го спречат проширувањето на пожарот на околните објекти, за жал не успеале да ги спасат животите на петте членови на семејсвото Зулбеари.

Советниците усвоија одлука со која на семејството Зулбеари им се доделува помош од два милиони денари од резервите на буџетот на oпштина Тетово, а исто така донесоа и одлука со која прогласија тридневна жалост за време на кое нема да се организираат настани од спортот, културата и други јавни настани.

Градоначалничката Теута Арифи потенцираше дека oпштината ќе се обиде да им помогне како на семејството Зулбеари, така и на другите што побрзо да продолжат со нормално живеење на семејството Зулбеари.

– Семејството Зулбеари покрај паричните средства веќе му е обезбедено сместување со помош и на други хумани лица за да им се тргне барем малку од товарот што тие во моментот го чувствуваат, додека за останатите семејства што претрпеа материјална штета во вчерашниот пожар формирана е комисија која во следните денови ќе ги констатира штетите и ќе определи соодветен надомест за тоа – рече Арифи.

Facebook impact:

Објавено петок, 26 јануари 2018 01:20:00
Напишано од емилија