Данев: Спасовски е назначен за потпретседател на СДС за да ги елиминира професионалците кои работат на случаи против криминалците блиски до Заев

СДС продолжува со лицемерната политика која најдобро е опишана во народната поговорка „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

img

Зоран Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите додека беа во опозиција, а сега ја претвораат државата во алатка на партијата.

Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и професионално да ја врши функцијата Министер за внатрешни работи, тој е назначен за потпретседател на партијата.

Граѓаните помнат дека во текот на претходните изборни циклуси, СДС го проблематизираше тоа што Гордана Јанкулоска во исто време била и министер за внатрешни работи и партиски функционер и носител на листа во изборна единица, бидејќи не се знаело „што е партија, а што држава“. Сега граѓаните го гледаат лицемерието на дело, односно како неговиот довчерашен генерален секретар станува потпретседател на партијата, додека во исто време е министер во МВР.

Двојните стандарди и лицемерието на Заев се бесконечни. Оливер Спасовски е назначен за потпретседател на СДС, бидејќи треба да ги реализира партиските чистки во МВР и треба да ги елиминира сите професионалци кои изминатиов период работат на случаи против наркодилерите и криминалците блиски до Заев и раководството на СДС.

Ова е само продолжение на обидите на СДС целосно да ги стават под партиска контрола органите на прогон. Првиот чекор беа заканите кон судиите со неуставен реизбор, а вториот иницијативата која ја покрена Зоран Заев за смена на Републичкиот јавен обвинител кој го гони за случајот „Поткуп“.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците во МВР, обвинителството и судот да не потклекнуваат на политичките притисоци од страна на СДС. Тие се должни и одговорни пред граѓаните да постапуваат исклучиво според Уставот и законите, а не според партиските наредби на потпретседателот на СДС или кој било друг партиски функционер.

Facebook impact:

Објавено понеделник, 19 јуни 2017 04:58:00
Напишано од Виолета