Грција го поздрави Дачиќ поради ПЈРМ

Официјална Атина аплаудира на последните провокативни изјави на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за името на Република Македонија.

img

Српскиот весник „Вечерње новости“ вчера објави дека изјавите на Дачиќ предизвикаа бура од реакции во Скопје, но конечно доведоа до „опуштање“ во односите со Атина кои во последните години беа затегнати.

Најавата за промена во политиката на Белград кон Скопје, односно пораката на Дачиќ дека Србија во билатералните односи со Македонија ќе го употребува уставното име, но дека во мултилатералата ќе го користи називот што се употребува во ЕУ и во ООН – Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), според весникот, наишла на воодушевување во официјална Атина.

– Според нашите информации, Грците преку дипломатски канали веќе пратиле порака до српските власти дека оваа одлука е дочекана со големо одобрување и дека дошла во идеален момент спроти посетата на премиерот Алексис Ципрас на Белград, планирана за крајот на јануари, посочува весникот.

На пораките на Дачиќ, кои во Македонија се протолкувани како дипломатски скандал, во грчката јавност им е даден голем публицитет, а информацијата е објавена во ударните термини на телевизиите и на насловните страници на водечките весници.

Дачиќ пред неколку дена во интервју за „Бета“ порача дека Србија е за мир во регионот, но оти нема да дозволи да биде понижена и да работи на своја штета. Тој, меѓу другото, како пример наведе дека Србија го признала уставното име на Македонија иако со тоа ја налутила Атина, а дека од Скопје како „благодарност“ добила признавање на независноста на Kосово и поддршка на членството на Приштина во УНЕСKО.

Освен ова, Дачиќ во новогодишното интервју најави дека и покрај заложбата за конструктивна улога во регионот, Србија ќе гласа против интересите на соседните земји што не ја поддржаа во нејзините интереси. Според него, ова не било одмазда, туку политика на реципроцитет.

– Јас едвај чекам кога во меѓународните организации ќе се појави некоја важна работа за Македонија или за Црна Гора, па да видиме како ќе се поставиме. Не велам дека ние сега нешто ќе преземеме против Црна Гора или Македонија или Хрватска, само кажувам за нашиот однос кон нивите барања кои ќе бидат на дневен ред, а тоа нема врска со нашите билатерални односи – изјави Дачиќ.

По ваквите пораки на Дачиќ реагира македонското МНР, апелирајќи до него и останатите српски политичари да не ги нарушуваат пријателските односи меѓу двете земји.

– Меѓу Македонија и Србија има многу блиски и длабоки пријателски односи, не е случајно што граѓаните во двете земји имаат многу позитивни чувства за соседите од другата страна. На политичарите им останува само да ги продлабочуваат тие историски односи, ако тоа не е возможно, треба да бидат барем одговорни да не го рушат пријателството што постои меѓу Македонија и Србија во двата правца, реагираа од МНР.

Facebook impact:

Објавено петок, 06 јануари 2017 11:03
Напишано од виолета



Барај

Последни вести