Хан: Демократија е кога има избори и без опозиција

Додека минатата година еврокомесарот излезот од македонската политичка криза го гледаше само во консензусот на сите политички партии и не признаваше избори без опозиција, на опозицијата во Албанија и порача дека изборите ќе бидат признаени и без неа, пишува Дневник.

img

Во Албанија парламентарните избори може да се одржат без опозиција, во Македонија мораше да има консензус на четирите најголеми политички партии поради што двапати беа одложувани само за да ја задоволат опозицијата!? „Претпочитам консензуално решение од сите партии за датумот на изборите“, изјави во јануари минатата година бриселскиот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, кој и вчера се огласи за изборите во Албанија порачувајќи дека изборите ќе се одржат и без опозицијата.

Вакво контрадикторно однесување, значи, покажаа ЕУ и нејзиниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан поврзано за актуелните политички кризи кои се случуваат во Албанија и Македонија и во кои главен проблем е условувањето на најголемите опозициски партии да излезат на предвремените парламентарни избори. Така, додека во македонскиот случај цело време се инсистираше да се постигне согласност на сите релевантни политички партии, дури и во ситуација кога опозицијата ултимативно бараше исполнување на своите барања, еврокомесарот Хан вчера ~ прати категорична порака на албанската опозиција дека закажаните јунски избори ќе се одржат со или без нив!

– Денеска, ние сме во ситуација каде што изборниот процес за општите избори на 18 јуни е поставен и изборите ќе се одржат без учество на главните опозициски партии. Ова е намерен избор од страна на сегашната опозиција да не се кандидира за изборите што јас треба тоа да го почитувам, но во исто време длабоко жалам за оваа одлука од демократска гледна точка. Албанците бараат и заслужуваат избори што обезбедуваат широка политичка понуда и почитување на изборните стандарди. Сепак, демократскиот процес мора да продолжи, дури и ако некој се одлучи да остане надвор – наведува Хан во соопштението кое на свој начин имаше карактер на обраќање до албанските граѓани.

Македонско-албански опозициски условувања

Практично, еврокомесарот за проширување упати јасна порака дека новата албанска влада која ќе произлезе од изборите кои ќе бидат бојкотирани од опозицијата ќе има легитимитет бидејќи и таквите избори ќе се сметаат регуларни. Познато е дека најголемите опозициски партии во Албанија најавија оти нема да учествуваат на изборите откако власта не ги прифати нивните барања за техничка влада која ќе ги спроведува изборите. Ваквото барање беше втемелено на тврдењата на опозицијата дека владејачката коалиција предводена од премиерот Еди Рама прави изборни манипулации кои треба да бидат попречени.

Тоа е слична ситуација како и во Македонија каде што најголемата опозициска партија исто така излезе со тврдењата дека имало изборни фалсификати на минатите изборни циклуси и дека поради тоа новите избори треба да ги прави техничка влада. Македонска опозиција постави и повеќе ултимативни услови – почнувајќи од прочистувањето на Избирачкиот список, па до начинот на кој ќе известуваат медиумите – и за чие исполнување се водеа долготрајни преговори на четирите најголеми политички партии. Во сето тоа големо и речиси клучно учество имаше токму еврокомесарот Хан, како и странските амбасадори во земјата, кои по секоја цена бараа консензус на сите партии за организирањето предвремени парламентарни избори. А консензус никако не се постигнуваше поради незадоволството на опозицијата за исполнувањето на ултимативните услови што таа ги поставуваше. Таквите условувања, пак, имаа очигледна поддршка од меѓународните фактори, кои потоа двапати се согласија изборите да бидат одложени – првин оние закажани во април, а потоа и оние во јуни. А во изјавите на Хан и на останатите дипломати постојано се потенцира потребата од меѓупартискиот консензус. Така беше и во јануари минатата година кога ВМРО-ДПМНЕ беше подготвена да оди на избори на 24 април без СДСМ и нејзините опозициски партнери.

– Ја забележав одлуката донесена денеска да се спроведат предвремени парламентарни избори на 24 април како што е предвидено во договорот од Пржино. Но, како што наведов претходно, јас претпочитам консензуално решение од сите партии. Сега е критично важно сите политички и институционални фактори во земјата да се погрижат да обезбедат фер избори во согласност со демократските стандарди. За да се постигне ова, мора да се интензивира итна подготвителна работа, особено во однос на Избирачкиот список. И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за датумот на изборите, јас очекувам од сите политички партии да соработуваат на конструктивен начин и да се држат до сите свои обврски според политичкиот договор од јуни, односно јули, вклучувајќи ги и итните реформски приоритети – вели Хан во соопштението објавено на 18 јануари.

Ретерирање од интервјуто во бугарскиот „Kапитал“

Интересен детаљ за тоа колку еврокомесарот за проширување држеше до тоа дека македонските избори не може да се одржат без учество на опозицијата покажува и неговото интервју за бугарскиот весник „Kапитал“ набргу потоа.

– За нас одлучувачко е изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред – изјави тогаш Хан, со што предизвика реакции во нашата земја бидејќи првпат бриселски функционер ја отвори можноста изборите да се признаат без учество на сите.

Меѓутоа, веќе утредента портпаролката на Европската комисија побрза да ја демантира ваквата изјава.

– Верувам дека изјавата е извадена од контекст. Позицијата на комесарот останува иста како во последното негово соопштение – изјави тогаш Kоцијанчич.

Практично, се случи ретерирање од ставот со кој Хан сега излегува во случајот со Албанија. Тогаш реагира и бугарскиот весник „Kапитал“, чија редакција соопшти дека ништо од интервјуто не е извадено од контекст.

– Интервјуто е целосно точно пренесено. Во редакцијата не сме добиле никаква реакција од кабинетот на Хан за интервјуто, ниту е побарана исправка на кој било негов дел – реагираа во бугарски „Kапитал“.

По одложувањето на априлските, Хан потоа упатуваше и повици за учество на сите партии на изборите што се најавуваа за јуни минатата година. Но, и тие беа одложени поради тоа што се прифатија ставовите на опозицијата дека не се исполнети нејзините услови и во еден свој повик од 5 јуни лани тој ги повика сите партиски лидери да ги почитуваат обврските преземени на 2 јуни за надминување на актуелната криза и да ги продолжат разговорите.

Наспроти ова, албанската опозиција вчера доби дури и предупредување да не го попречува европскиот пат на земјата.

– Да бидеме јасни: лидерите ќе бидат повикани на одговорност ако се обидат да ги попречат легитимните аспирации на албанскиот народ за подобра иднина. ЕУ ќе го следи и мониторира изборниот процес. Па дури и поосновно: ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на патот кон членство во Европската Унија – остро ги предупреди Хан.

Facebook impact:

Објавено сабота, 13 мај 2017 12:10:00
Напишано од sasho