Убиството на трите курдски активисти во Париз е „политички мотивирано“

Трите жени убиени во Курдскиот институт во Париз биле курдски активистки, а најверојатно мотивот за нивната ликвидација е политички, соопшти во четвртокот полицијата, но и други извори, а стотици Курди во северен Париз бараат истрага за убиството.

Телата на жртвите беа пронајдени во два часот по полноќ кон четвртокот во Информативниот центар на Курдистан, за кој се тврди дека е близок на во Турција забранетата сепаратистичка Работничка партија на Курдистан (PKK), партијата којашто веќе 25 години води бунт против турските власти за автономија на деловите на земјата населени со Курди во кој загинаа повеќе од 40 илјади луѓе.

Телата на трите курдски жени се пронајдени мртви ноќта кон четвртокот, сите убиени со истрели во глава, во просториите на Курдскиот институт во француската престолнина Париз, јавува AFP повикувајќи се на полициски извори.

„Призорот на местото на несреќата наведува на заклучокот дека станува збор за ликвидација, меѓутоа истрагата ќе ги расветли точните околности на трагедијата", додал изворот на агенцијата ненаведувајќи други поединост

Новинската агенција Firat, исто така блиска на PKK, пишува дека една од жртвите била претседателка на политичката групација Курдски национален конгрес во Париз.

Како што претходно јави панарапската сателитска телевизија Al Jazeera, една од жртвите е 32-годишната Фидан Доган која работела во Институтот. Според France 24, жртви се уште Сакин Канчиз, членка на PKK, и младата курдска активистка Лејла Сојлемез.

Според Бериван Акјол вработен во курдскиот центар во француската престолнина, нема сомнение дека станува збор за политички мотивирана ликвидација.


Агенција Reuters потсетува дека турската влада неодамна јавно призна дека преговара со затворениот лидер на PKK, Абдула Оџалан, со кого според написите во турските медиуми договорила рамка за мировниот план.

Турските медиуми, исто така, нагласуваат дека убиените жени биле поврзани со PKK, којашто Турција, САД и Европската унија ја вброија на листата терористички организации.
Американската телевизиска мрежа CNN ја цитира изјавата на Уго Поп, аналитичар за Турција во Меѓународната кризна група (ICG), кој смета дека ова трикратно убиство треба да се гледа од аспект на преговорите меѓу турската влада, Оџалан и другите курдски челници кои траат од ноември 2012 година.

„Никој ова не би требало да го употребува како изговор за прекинување на преговорите. Станува збор за единствена можност, оваа е година без избори. Кој и да го стори тоа, многу е важно преговарачите да преземат чекори за да ги убедат едни другите дека се за продолжување на преговорите“, изјави Поп за CNN.

Во разговор за француската телевизија France 24, адвокатот на една од жртвите, Армел Тавердин изјави дека убиствата ги извршиле  „силите коишто се спротиставуваат на изнаоѓање политичко решение за Курдистан, силите кои бараат провокација“.

Реагираше и портпаролот на владејачката турска Партијата на правдата и развојот на премиерот Реџеп Таип Ердоган, кој за дневен лист Hurriyet изјави дека станува збор за „внатрешна работа какви веќе гледавме“. „Има такви кои посакуваат овој процес да го исфрлат колосекот, мораме да бидеме многу претпазливи“, изјави портпаролот Хусејн Челик.

Многу членови на курдската заедница живеат во близина на курдскиот Информативен центар, во близина на железничката станица Гар ду Норд, главната железничка станица северно во реката Сена, во Десеттиот париски арондисман.

Според париската полиција, стотици демонстранти се собрале пред зградата на Центарот барајќи брза истрага за убиството на трите жени кои биел сами во објектот кој не бил обезбедуван со безбедносни камери. Демонстрантите носеле фотографии на Оџалан и извикувал пароли „Сите сме PKK, сите сме Оџалан“, пренесува France 24.

 

Макфакс

Facebook impact:

Тагови:

Објавено четврток, 10 јануари 2013 21:18
Напишано од admin




Барај