Најмалку 10 жртви во пожарите во Клифорнија

Најмалку 10 лица загинаа во пожарите што зафатија најмалку три, претежно лозарски, окрузи во американската сојузна држава Калифорнија.

img

Според локалните власти во пожарите се уништени околу 1.500 станбени и деловни објекти, а неколку илјади лица биле принудени да ги напуштат своите домови пред ширењето на огнената стихија.

Гаснењето на пожарите го отежнува силниот ветер, кој дополнително го забрзува нивното ширење.

На потегот од округот Напа, па до округот Рединг, северно од Сан Франциско, според противпожарните служби, горат 14 големи пожари, кои досега уништиле површина од над 160 километри квадратни.

Поради пожарите, гувернерот на Калифорнија, Џери Браун уште вчера прогласи вонредна состојба во окрузите Напа, Сонома и Јуба.

Отворени се повеќе центри за евакуација во кои се згрижуваат лицата што биле принудени да ги напуштат своите домови, но американските медиуми информираа дека нивните капацитети веќе се исполнети.

Во градот Санта Роса, пак, локалните власти прогласија полициски час од заоѓање до изгрев на Сонцето, како мерка за справување со провалниците, кои ги ограбуваат напуштените домови и деловни објекти.

Facebook impact:

Објавено вторник, 10 октомври 2017 09:24:00
Напишано од Виолета