Абазовиќ: „УКРАИНА ТРЕБА ДА ДОБИЕ КАНДИДАТСКИ СТАТУС за ЕУ“

Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ денеска телефонски разговараше со претседателот на Украина Володимир Зеленски, кој го покани што поскоро да го посети Киев.

Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора

За време на разговорот со Зеленски, Абазовиќ изразил лична подготвеност да го посети Киев и на тој начин да му даде поддршка на украинскиот народ, истакнувајќи дека ќе им предложи на лидерите од Западен Балкан заедно да ја посетат украинската престолнина, соопшти кабинетот на црногорскиот премиер.

Зеленски го запозна Абазовиќ за актуелната ситуација во Украина, изрази подготвеност за продлабочување на соработката и му се заблагодари за досегашната поддршка од Црна Гора на Украина. Претседателот на Украина упати покана до премиерот на Црна Гора што поскоро да го посети Киев.

Абазовиќ во разговорот посочи дека Црна Гора ја осудува, како што наведе, агресијата на Руската Федерација врз Украина и дека од самиот почеток на конфликтот отворено ја поддржува независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, нагласувајќи дека денес европските вредности се бранат надвор од границите на Европската Унија.

Се надеваме дека Украина ќе добие статус на кандидат за влез во ЕУ, а Црна Гора како лидер во преговарачкиот процес е подготвена да ја даде потребната експертска и политичка помош – рече црногорскиот премиер и го информираше Зеленски дека Црна Гора добила голем број бегалци од Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.