„Азбука за непослушните” на Венко Андоновски по втор пат објавена на руски jазик

– „Азбука за непослушните” на Венко Андоновски по втор пат се објавува на руски jазик, но овоj пат придружена е со изворниот македонски текст.

Во годината на своето 100-годишно постоење Серуската државна библиотека за странска литература „Рудомино” го почна долгорочниот проект „Светска билингвална библиотека на современата литература”.

При избор на делата за објавување во оваа едициjа предност имаат книги на современи автори, бидејќи благодарение на нив читателот ќе може полесно да си претстави како денес живеат луѓе во разни земји на светот, какви се нивните духовни вредности и со кои проблеми се соочуваат. Цел на проектот е заемно запознавање на народите преку врвни дела на современи писатели и преведувачи.

Романот „Азбука за непослушните” на Венко Андоновски во превод на Олга Панкина имаше привилегија да се најде меѓу првите три книги објавени во оваа значајна едиција во 2022 година.

Тие книги на 6 декември годинава во присуство на многу гости на свечен начин беа промовирани во Библиотеката за странска литература во Москва. Директорот на Библиотеката Павел Кузмин ги поздрави присутните и ги запозна со хуманата мисија на проектот. Олга Панкина зборуваше за литературните вредности на романот „Азбука за непослушните” и за преведувачката работа подвлекувајќи дека преводот е една од најтешките работи, никогаш не знаеш каде е границата до која треба да бидеш оној што го преведуваш, а од каде е границата кога почнува другата култура.

– Кога две азбуки сестрински ќе се наjдат заедно, тоа не значи само дека луѓето ќе можат полесно да го следат и македонскиот и рускиот jазик и да ги изучуваат тие јазици, туку тоа на еден начин е една културна средба меѓу две нешта што се поврзани и што имаат заеднички корен во праматеријата на целото словенство, а тоа е старословенски јазик. Средбата на секое писмо со друго писмо е средба на две култури и затоа ова издание го сметам за културолошки настан и за културен подвиг, истакна Венко Андоновски по повод обjавувањето на романот како билингвално издание.

Целта на овој проект е обединување на писменоста, литературата и културата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.