АНАЛИЗА НА НАЈГОЛЕМИТЕ 10 КОМПАНИИ СПОРЕД ОСТВАРЕНИ ПРИХОДИ

Loading...

Објавено во соработка со Pari.com.mk и БизнисМрежа.мк

Во периодот што следи, порталот Pari.com.mk  во соработка со платформата за бонитетни информации на БизнисМрежа.мк, ќе ги анализира остварените финансиски резултати на најголемите 100 компаниите во Македонија. Со тоа ќе навлезе малку подлабоко во функционирањето на компаниите и преку податоците за нивните приходи ќе се обидеме да дадеме пореална слика за националната економија.

Износот на приходи е основата од која се тргнува секоја анализа на билансот на успех и во голема мера го отсликува периодот од 1 година од аспект на успешност, одржливост, можности за развој и слично. Сеуште во Македонија има недостиг на база на анализирани податоци кои како готов производ ќе се нудат на сите заинтересирани страни, а од друга страна образовните институции не посветуваат доволно време на аналитичките способности на студентите. Таквиот колаж на ситуации дава , можеби нереална, слика дека работиме со “голи” информации. Проектот на Pari.com.mk и БизнисМрежа.мк е во насока на подигнување на свеста од потребата и неопходноста од реално согледување на состојбите. Не се само финансиските институции и централната власт кои треба да анализираат, напротив, во развиениот свет каде луѓето инвестираат на берза, секој обичен човек има пристап и знае до одредено ниво да ги толкува потребните информации, а потоа врз основа на свои согледувања да прави адекватни потези.

Колку и да е сегментирана нашата економија и колку и да се знаат главните играчи на пазарот, сепак историските податоци може да исфрлат на површина интересни факти, кои во голема мера може да се одразат врз идните финансиски состојби. Тука, ќе наведеме неколку информации поврзани со најголемите 10 компаниите, како диференциран дел од топ 100 сегментот, но и неколку збирни податоци. Битно е да потенцираме дека анализата ги опфаќа само 100-те најголеми компании во приватна сопственост без банки, финансиски и осигурителни субјекти.

  • Во 2020 година за топ 100 компаниите евидентирани се вкупни приходи во износ од 8.4 милијарди ЕУР, што претставува пад од 8%, во однос на податоците од 2019 година. Од аспект на топ 10 компаниите, евидентиран е пад од 12%, или годината ја завршиле со вкупни приходи од 3.5 милијарди ЕУР.
  • Додека помалите компании беа на браникот на кризата и беа најсилно погодени, сепак големите компании покажаа дека знаат да “пливаат” и во немирни води. Но, сепак и кај нив 2020 ја разниша воспоставената практика на стабилен пораст. Имено, 4 компании од топ 10 се соочиле со пад на приходите. Најголемиот пад на приходи е евидентиран кај компанија од нафтената индустрија, додека индустријата за електрична енергија дава свој претставник со најголем пораст на приходи.
  • Во елитното друштво на топ 10 во 2020 година има 2 нови компании, кои таму влегле од вториот ешалон компании(рангирани од 10-20 место), што не е случај и кај рангирањето според остварена добивка, каде има драстични поместувања.
  • Според анализираната база на податоци, најголема партиципација имаат компаниите од главниот град, со застапеност од 80%. Високото ниво на концентрација дава одговори за голем број на процеси што се случуваат во Македонија, но исто така во прашање ја става и државната интервенција.
  • Од аспект пак на нивниот правен облик, може да се забележи дека 5 компании се акционерски друштва, а од нив само 2 се членки на МБИ 10 индексот. Ваквата слика ја дава реалноста за развиеноста(неразвиеноста) на пазарот на хартии од вредност.
  • Околу големината на овие 10 компании може да послужат следните податоци:
  1. Приходот на првите 10 компании е поголем од вкупниот приход на 75 компании рангирани од 25-100 место.
  2. Приходот на најдобро рангираната компанија е 94.6% од вкупниот промет на останатите 9 компании од топ 10.

Генералната слика е дека топ 10 компаниите претрпеле одредени падови во бизнисот, но се далеку од сликата за целото стопанство. Понатаму, евидентно е дека постои суверен лидер кој има моќ да го диктира пазарот, додека останатите се само сегмент од големата слика. Неколку компании даваат позитивни сигнали околу иднината на економските процеси, а сите заедно ги отсликуваат силните и слабите страни на економијата, пред се, а потоа и на целата држава. Токму затоа, листата топ 100, што во наредниот период ќе биде објавена ексклузивно на порталот Pari.com.mk е од суштинско значење за сите инволвирани субјекти.

* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...
Loading...