Фотографиите и видеата кои денеска пристигнуваат од североистокот на САД изгледаат како сцени од „Mad Max“ – вака американските медиуми ја опишуваат моменталната состојба во градовите на источниот брег, по густиот чад од соседна Канада, предизвикан од шумските пожари. Посебно е погоден Њујорк, а чадот дошол и до Вашингтон.
Како што јавува „CNN“ во последните извештаи, воздухот има „страшна портокалова боја“, а видливоста е слаба. Зградите кои инаку можете јасно да ги видите во текот на ведар ден се покриени со темна магла.

Исто така, се поставува прашањето зошто е чадот портокалов, а не бел, сив или некоја друга боја.
Имено, чадот од шумските пожари го бои воздухот во портокалова боја од истата причина поради која чистиот воздух изгледа сино – тоа има врска со тоа какви се ситните честички во воздухот, колку ги има и каква боја се.
Овој ефект е уште поизразен наутро и навечер, кога сонцето е ниско на небото, а сцените од Њујорк покажуваат за каков ефект станува збор.
Според мерењето на „Air Quality Index“, Њујорк моментално е најзагадениот град на светот со концентрација на PM2,5 честичките на 353, што е 60,7 пати повеќе од годишната вредност според правилата на СЗО за квалитет на воздухот.