Арсовска: Исчистивме над 250 диви депонии, а отпочнуваме и со барање кривична одговорност за загрозување на животната средина, животот и здравјето на граѓаните

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска вечерва гостуваше во емисијата Жешко политичко лето на Канал 5 телевизија. Запрашана дали се казнуваат загадувачите и колку е тоа функционално, Арсовска кажа дека има неселективност и се казнува секој еден што свесно ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, а во фаза се и со отпочнување на барање на кривична одговорност. 

„Има неселективност. Секој еден што ќе биде затекнат дека прави нешто со ја загрозува животната средина, животот и здравјето на граѓаните, го казнуваме со најстроги можни санкции кои постојат и кои законодавството ни ги дозволува. Во фаза сме и со отпочнување на постапки за кривичен прогон за сите коишто го прават ова во континуитет. Исчистивме над 250 диви депонии. Ја исчистивме дивата депонија во Ново Село во Ѓорче Петров на површина од над 50 илјади метри квадратни. Тоа ја укажува суровоста на оние луѓе коишто печалат на грбот на нашето здравје и тоа не смее да се дозволи”, изјави Арсовска. 

Таа дополни дека скопјани го сакаат својот град, а она што го гледаме во изминатите месеци па и години наназад е одраз на себичноста на одредени поединци, за што е потребно итно да се работи на зголемување на свесноста кај граѓаните. 

„Скопјани го сакаат својот град, секој еден што е роден овде го сака својот роден град, а она што го гледаме во изминатите месеци па и години наназад е одраз на себичноста на одредени поединци. Треба да се зголеми свесноста. Во изминатите месеци затекнавме луѓе кои континуирано палат диви депонии. Прават место за отпад заради лукративни цели, односно затоа што заработуваат од тоа, загадуваат не размислувајќи не само за своето добро здравје и своето семејство, туку и за никого во градот.”, вели таа.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.