Асаф Адеми: Сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани

Сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани, изјави денес во Берлин министерот за култура Асаф Адеми, по реакциите на јавноста за резулатите од годишната програма за национален интерес на Mинистерството за култура.

Министерот за култура Асаф Адеми денеска во Берлин, во врска со реакциите на јавноста за резултатите од Годишните конкурси на Министерството за култура, пред медиумите ја даде следната изјава:
-Со должно внимание ги проследив сите забелешки и коментари кои се однесуваат на објавените резултати од Годишните конкурси на Министерството за култура. Големиот одзив кон објавените резултати покажува дека сме на линија со нашите заложби транспарентно и отчетно, без никакви предрасуди да донесеме Програма која ќе го поттикме развојот на културата во државата. Како човек и како министер за култура длабоко ги респектирам авторите, уметниците, институциите и сите оние кои делуваат во областа на културата и нема да дозволам овие резултати по Годишните конкурси да остават чувство на горчина и незадоволство кај луѓето од културата. Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите. Воедно ги поканувам сите засегнати апликанти кои имаат потреба, да се обратат во Министерството за култура за информации поврзани со нивните проекти. Наша цел е да ги стимулираме и соодветно да го вреднуваме придонесот на уметниците, институциите од културата, независниот културен сектор, и во таа смисла остануваме силно посветени на оваа наша определба, рече Адеми.
За време на својот престој во Берлин министерот Адеми ќе оствари повеќе работни средби, а ќе присуствува и на утрешната премиера на новиот македонски филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска кој е во главна селекција на Берлинскиот филмски фестивал.

 

Loading...