Балкан 2021: Кој го загрозува Балканот?

Loading...

Во историјата на меѓународните односи ќе биде запишано дека сите земји на Балканскиот Полуостров, почнувајќи од Словенија до Бугарија, официјално аплицирале за членство во ЕУ и НАТО, со исклучок Србија, која прогласи воена неутралност, но сепак е кандидат за членство во ЕУ. Низ историјата, преку јавни или тајни договори, меѓународни конференции, особено во случајот по завршувањето на двете светски војни, како и на локалните војни на Балканот и поширокиот регион, големите сили отсекогаш склучувале договори за нивни соодветни сфери на влијание, со кои по правило не се почитувала волјата на оние кои се најмногу погодени од ваквите договори – државите и народите на Балканот.
Првпат во историјата големите западни сили смислија нов модел на поделба на сфери на интерес, кој, меѓу другото, вклучува процедури за пристапување кон двете најсилни и највлијателни транснационални интеграции – ЕУ и НАТО. Имено, тие воспоставија еден вид неоколонијален пристап на зависност на условно неразвиените земји, особено на балканските држави. Постои добро познатиот пример за Република Турција, земја која веќе со децении безуспешно чека интеграција во ЕУ и покрај фактот што истовремено е една од најважните членки на НАТО, заради улогата што ја има во заштитата на геополитичките интереси на Западот и исто така беше еден вид „источен штит” на „Старата дама” – ЕУ.
Западниот Балкан сега е „на чекање”. Поточно, Западниот Балкан – регион во кој започна Првата светска војна и регионот во кој пред 25 години заврши регионална војна што ја загрози глобалната безбедност – денес е напуштен и заборавен од ЕУ и претставува закана и потенцијална воена зона.
Исто така, ќе биде забележано дека најсилните земји од западната хемисфера кои се членки на ЕУ и НАТО ги иницираа процесите на интеграција на балканските држави во овие најсилни организации и потоа со децении не правеа ништо да соработуваат со земјите аспирантни од Западниот Балкан. Актуелната состојба на Западниот Балкан најдобро може да се опише со цитатот од некогашниот претседтаел на САД, Френклин Рузвелт: „Во (меѓународната) политика, ништо не се случува случајно. И да се случи, можете да се обложите дека така било планирано”.
Хрватска ја поддржува сепаратистичката политика на Хрватите во БиХ од времето на војната
Додека најдрастичен пример е Босна и Херцеговина, случајот со Северна Македонија е исто така многу важен. Република Хрватска, балканска држава, која во меѓувреме се приклучи кон ЕУ и НАТО во моментов е најголемата пречка и фактор што го загрозува мирот на Западниот Балкан, бидејќи ја поддржува сепаратистичката политика на Хрватите во БиХ од времето на војната преку Драган Човиќ (ХДЗ БиХ) и сепаратистичката политика на Милорад Додик (СНСД) – босански Србин, кој сака да се претставува како важен руски играч на Балканот. Хрватска ја блокира БиХ и преку низа разузнавачки подметнувања, со што ја поддржува руската политика во ЕУ и ја усогласува својата надворешна политика со Русија.


За време на неодамнешната посета на Хрватска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман (ХДЗ) потпишаа Протокол за интензивни консултации меѓу двете министерства за следните две години. Друго сведоштво за координација на политиките беше изјавата на двајцата министри дека Русија и Хрватска имаат ист став во однос на Босна и Херцеговина. Оттука, Хрватска, која е членка на ЕУ и НАТО, го дели истиот став со Русија во однос на БиХ. Зоран Милановиќ (СДП), новиот претседател на Република Хрватска, ја презеде улогата на националистичката Хрватска демократска унија (ХДЗ) во нападите врз БиХ. Милановиќ се поврзува со албанската мафија, која имаше улога во неговата победа на претседателските избори.
Бугарија – рускиот „тројански коњ” во ЕУ и НАТО
Бугарија, балканска држава, која исто така стана членка на ЕУ и НАТО, денес ја блокира интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ и на тој начин ја отвора „Пандорината кутија” на Балканот. Бугарија, која беше интегрирана во ЕУ благодарение на интервенциите и притисокот од страна на САД, сега стои рамо до рамо со државите што директно ја загрозуваат ЕУ – Унгарија, Полска и Хрватска. ЕУ не сака да интервенира и да ја дисциплинира Бугарија, која е една од најкорумпираните земји во светот веќе со години, како што е наведено во извештаите на ЕУ, Проектот за светска правда, Транспаренси Интернешнл, ОЕЦД, ОН итн.
Клучното прашање што треба да се постави е по чија наредба и во чиј интерес Бугарија ја блокира Северна Македонија. Дали Бугарија е експонент на руската политика за дестабилизација на регионот и ЕУ, бидејќи човек број еден во Бугарија е премиерот Бојко Борисов (ГЕРБ), поранешен телохранител на комунистичкиот диктатор Тодор Живков и човек со руски (советски) начин на размислување. Покрај нагласениот бугарски национализам, политиката на Живков се рефлектираше и во негација на македонското малцинство и Македонците воопшто, историски аспирации кон Македонија и присилна денационализација на турското малцинство, чии припадници беа принудувани да ги менуваат своите имиња во бугарски.
Таквата политика не е прекината. Поранешниот телохранител на Тодор Живков го блокираше процесот на проширување на ЕУ – во чие име и во чиј интерес? Дали тоа е под влијание на некои членки на ЕУ или е прашање на руско влијание врз Бугарија („Тројански коњ”), со што ги поткопува институциите на ЕУ и НАТО или пак е комбинација од двете. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов (ВМРО), кој има македонско потекло и е поранешен информатор на бугарската комунистичка служба за безбедност и вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева (ГЕРБ) се најгласните поборници за негација на Македонците, нивниот идентитет, македонската државност и јазик, што може да се окарактеризира како нововековна форма на фашизам.


Ова го отвора прашањето дали бранот фашизација навистина ја зафати ЕУ, но и НАТО. Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ГЕРБ, се соочува со големи проблеми поради фашизацијата во сопствените редови. Сепак, сè уште нема политичка волја и храброст за пресметка со поборниците на ваквите појави, како унгарската Фидес или полската Право и правда (ПиС).
Деструктивната улога што им се припишува на Србија и нејзиниот претседател
На Србија и беше „прогледано низ прсти” и дозволено да ги развива своите односи со Руската Федерација и Кина. ЕУ и НАТО континуирано и припишуваат на Србија експанзионистичка и деструктивна улога на Балканот. Особено во однос на БиХ и нејзините врски со Русија, како и Кина. Деценискиот дијалог/преговори меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ стана мртво слово на хартија – што се доживува како фијаско. Прашањата што треба да се постават се дали ЕУ и НАТО ја сакаат Србија во сојуз со Русија и Кина; дали Русија и Кина се толку моќни и силни што можат да ја искористат Србија за нивните геополитички и економски интереси во и против ЕУ и НАТО; или Србија е толку тврдоглава, моќна и силна што ќе се спротивстави на ЕУ и НАТО и ќе се позиционира на страната на Руската Федерација и Кина. Новата Американска администрација наскоро ќе даде одговори на овие три прашања поврзани со Србија, но и со Западниот Балкан. Тоа ќе го стори во директен дијалог со Германија и Франција, а потоа и со Русија.
Аналитичарите сметаат дека кризата предизвикана со глобалното ширење на новиот вирус Ковид-19 уште еднаш ги разоткри слабостите на ЕУ и нејзините институции. Српскиот претседател Александар Вучиќ (СНС) очигледно беше во право кога ја нарече ЕУ „бајка на хартија”. Оваа состојба не е подобрена до денес, особено заради бугарската блокада за натамошно проширување на ЕУ и отсуството на поголема солидарност при пандемијата со Ковид-19. Србија беше прва во регионот и трета во Европа, што започна со вакцинирање на нејзиното население против Ковид-19.
Дали претседателот на Судот на БиХ Ранко Дебевец бил „уценет”?
Најтрагичен е случајот на Босна и Херцеговина, која прва од земјите од поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) требаше да стане членка на ЕУ и НАТО. Сепак, нема индикации кога Босна и Херцеговина би можела да стане членка на ЕУ или НАТО. Сепаратистичките политики во и околу БиХ уште еднаш ја ставаат земјата во фокусот на меѓународната политика, пред се поради рамнодушната и лицемерна политика на ЕУ.
Во моментов, два од трите столба на власта во БиХ – извршната и судската, се распаѓаат. Целта е да се отстрани Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата БиХ, преку исконструирано обвинение, бидејќи тој е пречка за руските енергетски интереси. Покрај ова, некои кругови во БиХ и во странство му забележуваат за неговата соработка и многу блиски односи со САД.
Неодамнешниот почеток на изградбата на јужната интерконекција на гасоводот БиХ-Хрватска на трасата Загвозд (Хрватска) – Посушје (БиХ) – Нови Травник, како дел од Јонско-јадранскиот гасовод, треба да го намали и во иднина да ја елиминира зависноста од рускиот природен гас. Но, преку руските актери во Обвинителството и Судот на БиХ, против Новалиќ беше покренато монтирано обвинение и покрај фактот што тој е еден од најуспешните премиери на Западниот Балкан. Сепак, на крајот тоа ќе ги разоткрие руските играчи во судството во БиХ. Корумпираното босанско Обвинителство го „уценува” претседателот на Судот на БиХ Ранко Дебевец, за да ги потврди монтираните обвиненија.
Меѓународниот институт ИФИМЕС ги информираше меѓународните официјални претставници дека започнал надзор над работата на правосудството во БиХ, а особено на Обвинителството и Судот на БиХ, како и дека се врши силен притисок врз претседателот на Судот на БиХ, Ранко Дебевец. Корумпираното Обвинителство на БиХ и Високиот судски и обвинителски совет треба да претрпат промени – не само во нивните највисоки раководства. Ако првиот човек на Судот на БиХ Дебевец ги поддржи монтираните обвиненија, а особено она против премиерот на ФБиХ, Новалиќ, ќе мора да биде сменет. Неопходно е да се спроведе темелна реформа на целиот судски систем во БиХ.
Ѓукановиќ го протера српскиот амбасадор Божовиќ со цел да ги саботира и усложни односите на новите власти со Србија
Црна Гора доби нова Влада и по 31 година беше урнат најкорумпираниот и најкриминалниот систем на Западниот Балкан, со кој раководеше сегашниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ (ДПС). Новата Влада го поддржа патот на Црна Гора кон Европската Унија и обврските што произлегуваат од членството на земјата во НАТО. Мило Ѓукановиќ се обидува да ги саботира новите демократски промени во Црна Гора и за таа цел ги користи малцинските заедници во Црна Гора како свои политички марионети. Последниот предлог во врска со усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во црногорскиот Парламент, што беше поднесен од Бошњачката партија (БС), која е блиска до црногорскиот претседател, беше инициран од Мило Ѓукановиќ, со цел да се продлабочи конфликтот меѓу етничките заедници што живеат во Црна Гора. Прашањето што треба да се постави е зошто резолуција за Сребреница не беше усвоена кога на власт беше режимот на Мило Ѓукановиќ, односно во времето кога тој имаше апсолутна власт во Црна Гора.
Неоснованото и целосно непосакуваното протерување на српскиот амбасадор во Црна Гора, Владимир Божовиќ е во функција на саботирање на работата на новите власти, зголемување на тензиите и поткопување на мирот и стабилноста во регионот. Имено, политиката на Ѓукановиќ опстојуваше со децении со предизвикување на тензии и конфликти во регионот, по што тој редовно ќе се појавеше како „спасител” и дел од „решението”. Затоа, случајот со амбасадорот Божовиќ ќе биде тест за новата Влада на Црна Гора. Имено, дали таа ќе продолжи да ја спроведува оваа политика на подгревање на тензии и натамошно усложнување и комплицирање на односите со Србија, што се спроведуваше досега или конечно ќе има промена и дисконтинуитет на политиката на Ѓукановиќ. Поточно, дали ќе има релаксација на односите и унапредување на меѓународната соработка, почнувајќи со повлекување на одлуката за протерување на амбасадорот Божовиќ од Црна Гора. Во исто време, Ѓукановиќ упорно продолжува со измислени обвинувања против српскиот претседател Александар Вучиќ (СНС), кој пак се обидува да обезбеди мир и стабилност во регионот во многу тешки околности и не паѓа на провокациите на Ѓукановиќ или сличните на него. Србија е свесна дека низ својата историја секогаш напредувала кога се потпирала на САД. Затоа, отворањето на регионална канцеларија на Развојната финансиска корпорација во Белград е знак за силна американска поддршка на Вашингтонскиот договор, на проектот „Мини Шенген”, како и на развојот на Србија.

Нападите од страна на режимот на Мило Ѓукановиќ врз американските дипломатски претставници во Црна Гора се сведоштво дека соборениот Мило Ѓукановиќ го изгубил компасот и е подготвен да преземе секакви активности, вклучително и воспоставување поблиски односи со Русија и Кина. Ѓукановиќ никогаш не ја прекина соработката со Кина, бидејќи Кина всушност ги контролира јавните финансии на Црна Гора и ја финансира изградбата на автопатот Бар-Боjаре. Новата црногорска Влада треба да се отвори кон регионот и да ги поддржува активностите и иницијативите, како што е проектот „Мини Шенген”, со цел земјите аспиранти за членство од Западен Балкан, што поскоро да се интегрираат во ЕУ и НАТО.
Косово во предвечерје на нови избори – расчистување со воените и мафијашките структури
Косово во моментов е во најтешка состојба од меѓународната интервенција во 1999 година. Предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат наскоро, дефинитивно треба да доведат до расчистување со политичките и мафијашките структури од воениот перид и да отворат ново поглавје во развојот на Косово. Одлуката на Уставниот суд на Косово дека изборот на сегашниот премиер Авдулах Хоти и на косовската Влада е незаконски спроведен, дополнително придонесе за „прочистување” на веќе комплицираната политичка ситуација.
Фактот што официјалниот став на Европската комисија за визна либерализација, за што Косово ги исполнува сите услови, сè уште не е имплементиран, е уште еден показател за инертноста на ЕУ и мнозинството од нејзините земји членки кога станува збор за вистинскиот интерес во земјите од Западниот Балкан. Предвремените парламентарни избори за Косово се последната шанса за Косово трајно да расчисти со политичко-мафијашките структури од време на војанта, така што на власт би дошле политички опции и поединци без „хипотека на минатото”.
Албанија пред политички промени
Парламентарните избори во Албанија закажани за 25 април 2021 година треба да донесат политички промени и пресметка со мафијашките структури, кои се највидливи во областа на илегално производство на канабис и други наркотици и трговијата со луѓе. Изборите треба да бидат голем чекор напред кон демократизацијата на земјата, која нејзиниот премиер Еди Рама (ПС) со своите криминално-мафијашки активности се повеќе ја приближува кон Латинска Америка, а не кон ЕУ – и покрај фактот што членството во ЕУ е официјална политичка цел на Албанија.
Секогаш кога албанските политички структури беа тесно поврзани или и припаѓаа на мафијата, албанските национални интереси беа најмногу загрозени. Ова во моментов е видливо и во Косово и во Албанија.
Русија и Кина подготвуваат свои апликации за „членство”
Русија и Кина подготвуваат свои апликации кои би им биле понудени на други земји за зачленување во Евроазиската унија – слични на апликациите за членство во ЕУ и НАТО. Во тек е подготовка на апликациите што Русија и Кина планираат да ги нудат низ целиот свет, вклучително и на Западниот Балкан. Кина се подготвува официјално да им понуди на одредени држави модел на учество во нејзини претпријатија во странство и нуди поволности, особено на оние кои се приклучуваат на проектот „Пат на свилата”. Русија сака да ги официјализира своите прикриени активности, но исто така и да прави „контрапонуди” и на тој начин официјално да се натпреварува со ЕУ и НАТО. Неодамнешната посета на рускиот министер за надворешни работи Лавров на БиХ беше официјален почеток на таквата политика во Европа. Поточно, политика што ќе им биде понудена на сите оние кои не сакаат да продолжат со членството во НАТО, немаат алтернативна опција во современиот геополитички развој или се енергетски поврзани со Русија.
Аналитичарите сметаат дека времето на ЕУ на Западниот Балкан исткува. Блокадата на процесот на проширување и инерцијата во однос на проширувањето може да биде бумеранг за официјален Брисел, бидејќи Русија, Кина, но и Турција, се силно присутни на Западниот Балкан и би било реално да се очекува дека одредени земји може да ја променат нивната геополитичка ориентација.
Кои се приоритетите на политиките на САД и ЕУ на Западниот Балкан
Заедничката борба против пандемијата со Ковид-19, новата политика за безбедност и одбрана, обновеното зајакнување на НАТО, заедничката политика кон Блискиот и Далечниот Исток, Турција и Иран, заедничките монетарно-финансиски проекти, борбата против сите видови кинеско влијание, нови проекти поврзани со заедничката политика за мигранти – се меѓу најважните теми во однсите на ЕУ и САД.
Најголемите предизвици за САД и ЕУ ќе бидат заедничкиот пристап кон Русија, поради енергетската зависност на Унијата од Русија. Активностите на Русија создаваат главоболки за САД и ЕУ во речиси сите сегменти, бидејќи Русија ги користи современите комуникациски алатки и платформи, како и силните безбедносно-разузнавачки служби, за да ја дестабилизира ЕУ, со поткопување на демократските институции и создавање на нови руски позиции во рамки на политиките на одделни земји членки на ЕУ. ЕУ прво ќе мора да го „исчисти сопствениот двор” и со помош на новата Американска администрација да се обиде да излезе од очигледна политичка криза што ја тресе.
Само тогаш ќе дојде време да се осврне на Балканот и на состојбите на Балканот. Новата Американска администрација ќе се залага за заеднички пристап кон земјите од Балканот и Западниот Балкан. Пред се, кон Босна и Херцеговина.
Во консултација со Германија и Франција, но без поголемо мешање на ЕУ, новата Американска администрација ќе се осврне на состојбите во БиХ, Косово и Северна Македонија. Ова ќе се направи во договор со Русија, особено во однос на БиХ и конечното решавање на прашањето за српската сецесионистичка политика во БиХ, но исто така и за хрватската политика, која во соработка со руската, ги поткопува Вашингтонскиот и Дејтонскиот мировен договор. Додека прашањето за Косово нема да се реши без Русија, новата Администрација на САД силно ќе ја поддржи Северна Македонија и ќе ги отстрани блокадите наметнати од Бугарија преку внатрешните политички промени во Бугарија. Неизбежното прашање е: Кој го загрозува Балканот?
Новата американска администрација дефинитивно ќе стори се за да ја извлече БиХ од калта во која е втурната пред се заради инертната и лицемерна политика на ЕУ и нејзините внатрешни сили (пред се на земјите од Вишеградската група), кои го попречуваат секој напредок. Локалните политики на Западниот Балкан ги разгледуваат можните идни активности на новата Американска администрација на илузионистички стил, додека во суштина ова ќе биде многу тежок и макотрпен процес, кој исто така ќе ги повлече глобалните интереси на големите сили. Што ќе понудат САД, во договор со Русија, за просперитет на БиХ и Западниот Балкан, допрва ќе се види, бидејќи низ целиот свет Русија ги одржува т.н. „замрзнати конфликти” и дефинитивно е потребна поддршка и помош од САД.
Аналитичарите предупредуваат на улогата на Грција, Кипар, Бугарија, Унгарија, Хрватска, како и на некои други политики на земји од ЕУ и НАТО, кои делумно се во функција на руските интереси. Не е изненадување што еден од најголемите разузнавачки центри на Русија се наоѓа во Софија. Во овој контекст, важно е да се запомни дека Русија е многу сложена и хетерогена творба и дека е соочена со внатрешни закани што можат да го загрозат нејзиниот опстанок во формата во која што е сега.

loading...