Бивши функционери и донатори на партии нема да бидат антикорупционери

На денешната седница дебатираа претставници на Владата, на невладиниот сектор, медиумите и независните регулаторни тела.Различен состав и транспарентен избор на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), зголемување на надлежностите како што е пристапот до банкарските сметки на функционерите, прецизни рокови за одлучување како и зајакнето финансирање на Комисијата се главните измени во предлог-законот за борба против корупцијата и судирот на интереси.
Една од најзначајните промени кои се предвидуваат со предлог-законот е начинот на кој ќе се избираат членовите на ДКСК. Рената Дескоска, министерка за правда  рече дека таа како и работната група што работи на предлог-законот инсистираат во него да се имплементира препораката на ЕК во делот на транспарентноста на изборот на членови на ДКСК и утврдување на критериуми за избор што ќе значат одделување на Комисијата надвор од политиката.
„Еден од критериумите за избор на член на Антикорупциската комисија е кандидатот да не вршел политичка функција во Владата или во Парламентот ниту да бил донатор на политички партии во последните десет години. Воспоставени се критериуми и на искуство во спречувањето на корупцијата но секако гаранција е и постапката за избор во Собранието. При изборот, новинарски здруженија но и невладини организации кои што работат во оваа област ќе може да номинираат претставници кои што ќе учествуваат во интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК“, појасни Дескоска.
Задоволство разбирањето од Министерството за правда кое се согласи од предлог-законот да биде избришан делот во кој Комисијата за спречување на корупцијата имаше надлежност да покренува иницијативи контрола на финансиското работење на невладините организации изрази Данче Даниловска од Институтот „Отворено општество-Македонија“.
„Сведоци бевме на злоупотребата на ваквата надлежност на ДКСК кога 22 невладини организации беа предмет на политички и финансиски контроли токму по нејзина иницијатива. Сметам дека тоа можеа да го направат и другите финансиски институции“, рече Даниловска.
Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ смета дека најважно е дали со овој закон ќе се реши кои ќе бидат надлежностите на Антикорупциската комисија и како таа ќе соработува со другите институции.„Времето покажа дека претходниот закон за борба против корупцијата е надминат. Со новиот закон треба да се постават нови принципи за работа на ДКСК. Пред се’ тоа се однесува на одгворноста и интегритетот на членовите на Антикорупциската комисија. И нивната работа исто треба да подлежи на контрола. Исто така начинот на обработка на податоците за имотната состојба на функционерите. До сега тоа се правеше многу формално. Проверките не се проведуваа ефикасно. Ние не знаеме што точно се случува со имотите на функционерите. Сега Комисијата треба има пристап до податоците и сама да ги врши проверките, за што треба да има пристап до сите потребни бази на податоци, да може да доставува барања до сите институции, вклучително и до банките.“, рече Тасева.
Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации предлог-законот е слаб во делот што се однесува на јавните набавки затоа што има само две одредби од оваа област „но и тие две се бедни“.
„Политичка партија прави митинг кој на пример чини 50.000 евра. Партијата ќе каже кој, каква услуга ќе испорача а проток на пари за услугата нема. Па партијата ќе рече сето ова ме чинеше илјада евра. Подоцна истата партија на тие фирми ќе им даде тендер зголемен за таа вредност за да си го наплатат трошокот за тоа што го организирале митингот. Каде ќе ја спречиме таа појава со овој закон“, праша Филков.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.