„Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“: Со симболот на љубовта се бориме против говорот на омраза!

„Борбата со говорот на омраза е неопходна во нашето општество, но
воедно е и должност на секој граѓанин, кој како единка има исклучителна важност и значајна
улога против дискриминацијата и обезбедување слободно и разновидно општество“. Ова беше
главната порака на јавниот настан во Градскиот парк во Скопје организиран денеска во рамки на
заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа „Блокирај ја омразата. Сподели
љубов!“ која се фокусира на борбата против говорот на омраза и дискриминацијата.
Розите како симбол на љубовта и хармонијата беа главна тема на оваа активност која на едно
место ги собра младите активости, Младите Европски Амбасадори, дел од Амбасадорите против
говор на омраза и поддржувачите на кампањата. Оваа иницијатива има за цел да ја подигне
свеста кај граѓаните за различните форми на говор на омраза и дискриминација кои се насочени
кон одредени заедници и поединци, како и да промовира различни начини за борба против
говорот на омраза, пред сè преку ширење позитивни пораки за прифаќање и почитување на
различностите, преку симболично „споделување на љубовта“ со црвени рози.
„Говорот на омраза којшто е изразен во, низ и кон медиумите и новинар(к)ите е особено
проблематичен и општеството и сите негови чинители мора да преземат сериозни мерки кон
ова, зашто на тој начин, ваквата појава само се пренесува постојано од уво в уво и тоа е
причина за нејзино држење во живот, но и проширување. Особено внимание треба да се обрне
на говорот на омраза кој е насочен кон новинарките и медиумските работнички, зашто токму
овој родов аспект на говорот на омраза ни покажува каде сè ние треба да се посветиме во ова
желба за блокирање на омразата, а споделување на љубовта,” истакна Огнен Јаневски, познат
ТВ водител, уредник и Амбасадор против говор на омраза.
Денис Јанкуловски, медицински работник, добитник на наградата „Европеец на годината“ за 2021
година и Амбасадор против говор на омраза ги сподели своите видувања со присутните:
„За жал, говорот на омраза последниве години зема сè поголем замав, премногу лоши зборови
излегуваат на површина. Тој говор е застапен речиси во секоја тема, насекаде. Невнимателно
избраните зборови и тоа како знаат да влијаат врз оние кон кого се насочени, дури и
неверојатно е дека постојат такви зборови. Затоа ние мора секојдневно да бидеме што
погласни во препознавањето, осудувањето и потиснувањето на овој говор и нашиот глас да
биде слушнат. Треба да укажуваме дека многу поубаво секој ќе се чувствува кога говорот ќе му
биде исполнет со убавини, со пријатни зборови, со почит кон секого, без разлика што не се
согласуваме во некои ставови и размислувања.“ – истакна тој.
Лејла Дервишагиќ, раководителка за оперативно работење на Програмската канцеларија на Совет
на Европа во Скопје истакна дека „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“ е заедничка заложба на

Советот на Европа и Европската Унија со цел да ја поддржат борбата против говор на омраза.
„Преку оваа кампања би сакале да бидеме поблиску до граѓаните и да ја испратиме пораката дека
љубовта е алтернатива на омразата. Сите можеме да се бориме против говор на омраза преку
споделување на нашите заеднички европски вредности како толеранција, почит кон останатите,
љубов и посветеност кон тоа да живееме во општество без омраза.“ – рече таа
Кампањата за подигање на свеста „Блокирај ја омразата; Сподели ја љубовта“, се спроведува во
во Северна Македонија од декември 2021 година, а целта е да се информира широката јавност за
опасноста од говорот на омраза и начините за борба против него. Оваа иницијатива за подигање
на свеста е проширена „онлајн“ преку веб-страницата и каналите на социјалните медиуми, како и
преку разни отворени јавни настани. Кампањата вклучува истакнати јавни личности, институции и
реномирани активисти за човекови права, кои промовираат разлноликост и еднаквост во
локалните заедници и во регионот, преку лични приказни, сведоштва и размена на добри
практики.
Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во
Северна Македонија”, кој е дел од програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција
2019-2022″, финансирана од Европската Унија и Советот на Европа.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.