Бројот на жртвите во пожарот порасна на 15

Loading...

Обдукциите на сите 14 настрадани во пожарот во тетовската болница се готови, а на списокот на настрадани е внесена уште една, 15-та жртва, за која исто така е побарана обдукција – информира Институтот за судска медицина и криминалистика.
Станува збор за девојка во дваесеттите години, со церебрална парализа, која во моментот на избувнување на пожарот лекарите ја реанимирале, но откако избил пожарот нејзината реанимација е прекината, и заедно со нејзината мајка и медицинскиот персонал веднаш е извлечена надвор, без повреди или изгореници од пожарот. Откако починала, девојката била однесена дома, но Обвинителството решило дополнително да ја внесе во овој кривично-правен настан и побарало нејзина обдукција.
Во меѓувреме, во Судска медицина завршена е обдукцијата на 14-те жртви во пожарот. Причината за смртта кај сите е изложеност на висока температура, изгореници и задушување. При крај е и ДНК-анализата.
Од доставените извештаи до Обвинителството се утврдува дека осум од жртвите се жени, а шест се мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид-болницата. Од починатите, две лица, и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка, се надворешни лица што не биле хоспитализирани, информираат од ЈО и додаваат дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата се истражува. Меѓу починатите имало и лекар, кој не работел во ковид-одделението во тетовската болница, туку бил пациент.
Обвинителството вели дека презело мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видеоматеријал објавен како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

loading...
Loading...