Бујар има розови наочари: Не било музеј на УЧК, било…

Музејот во Сопот не е музеј на УЧК, туку е музеј којшто одбележува настан од 1944 година кога се убиени селани од Сопот, изјави денеска министерот за надворшени работи Бујар Османи прашан дали станува збор за дивоградба и дали овој музеј се наоѓа на државно земјиште како што објави Општина Куманово.

– Прво не се работи за музеј на УЧК, како што беше претставен, туку музеј којшто одбележува настан од 1944 година кога се убиени селани од Сопот, а господинот Ахмети беше таму како поканет гостин, така што сите прашања треба да ги упатите до организаторите. Како што велат тие, станува збор за семејно земјиште, семејството тоа го изградило за да ги одбележи соселаните, но ние немаме никаков удел во тоа, таму бевме поканети – се правдаше денеска Османи.

Но, новинарите не му останаа должни и го прашаа: Зошто тогаш целиот музеј е со иконографија на УЧК?

– Тоа е музеј којшто одбележува убиство на 60-тина селани на Сопот во 1944 меѓутоа беше погрешно претставен како музеј на УЧК – повтори Османи.

Впечатливо е тоа што во музејот доминира иконографија на УЧК, а не на убиените жители од Сопот. Централно место во музејот зазема кадар на Али Ахмети во униформа на УЧК, како и постери од Адем и Исмет Јашари и знамиња со амблемот на УЧК.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека според негови информации музејот на УЧК е изграден на приватно земјиште.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, пак, по вонредниот инспекциски надзор изјави дека музејот е подигнат на државно земјоделско земјиште и најави кривична одговорност и уривање на објектот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.