Шефицата на левичарската партија БСВ (Сојуз Сара Вагенкнехт), Сара Вагенкнехт, ја критикуваше поранешната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) за изјавите за политиката кон бегалците и подемот на АфД и ја повика да покаже „повеќе саморефлексија“. „Без бегалската политика на Меркел, АфД немаше да влезе во Бундестагот во 2017 година и веројатно денес немаше ни да постои“, изјави Вагенкнехт за германската агенција ДПА. „Таа е мајка на АфД и на многу проблеми во земјата“, оцени Вагенкнехт за Меркел. Таа смета дека е правилно да им се помогне на луѓето кои бегаат од граѓанска војна. „Но, Ангела Меркел беше првата што дозволи целосно губење на контролата врз миграцијата. Нејзиното наивно ‘Ќе успееме’ не успеа поради реалноста“.
Минатата недела, поранешната канцеларка Меркел отворено го критикуваше лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, откако предлогот на Унијата за одвраќање на бегалците на границите доби мнозинство во Бундестагот со помош на гласови на АфД. По критиките на Меркел за политиките од последните години и за неговата партија, кандидатот на Унијата за канцелар, Мерц, ја сподели одговорноста за силата на АфД и рече: „Соочени сме со урнатините на десетгодишната погрешна политика за азил и имиграција во Германија“.
Меркел во средата вечерта (5.02), на настан организиран од неделникот „Ди Цајт“ во Хамбург, одговори потврдно на прашањето дали се чувствува повикана со ваквата констатација, но одговори дека не смета оти политиката кон бегалците во последните десет години била погрешна. На тема АфД, таа рече: „Кога ја напуштив функцијата, АфД имаше рејтинг од 11 отсто, а тоа што сега е на 20 отсто веќе не е моја одговорност“.