Вариво со ќофтенца од месо

Loading...

Фино вариво со компири, зеленчук и мали ќофтенца од месо …
Потребно е:
1 кг компири
2 поголеми страка праз
3 моркови
малку корен од целер
малку свеж босилек
1 лажица пире од домати
сол
мелен сув зачин
масло за готвење
за ќофтенцата од месо:
300 г мелено месо
1 јајце
брашно по потреба
2 чешниња лук, ситно сецкани
сол и бибер
масло
и уште:
1 лажица брашно
1 лажица мелена црвена пиперка


Подготовка:
– Прво подгответе ги ќофтенцата. Во еден сад ставете ги месото, јајцето, исецканиот лук, сол , бибер, 2 лажици масло и 1-2 лажици брашно. Измесете ја смесата со рака за да се поврзат сите состојки. Покријте ја со фолија и оставете малку да отстои.
– Празот измијте го убаво и сецкајте го на поголеми парчиња. Истото направете го со морковите и целерот. Ставете ги во тенџере во кое претходно сте ставиле малку масло и динстајте ги додека не омекнат.
– Компирите излупете ги и исечете ги на коцки. Додадете ги во тенџерето, посолете и додадете 1 лажица мелен сув зачин. Неколку минути динстајте со внимателно мешање за да не ви се распадне зеленчукот.
– Сега во тенџерето сипете вода да биде два прста над компирите. Оставете на тивко да се вари.
– За тоа време од смесата со мелено месо правете мали ќофтенца, увалкајте ги во брашно и ставете ги да се пржат во тава на загреано масло. Постојано превртувајте ги за да се испржат од сите страни. во тавата додадете 1 лажица брашно и 1 лажица мелена црвена пиперка и уште малку пржете (пазете црвената пиперка да не ви изгори затоа што ќе горчи). Содржината од тавата сипете ја во тенџерето кај компирите.
– Полека измешајте ја целата содржина и додадете сецкан босилек и 1 лажица пире од домати. Варете уште 10-тина минути. Ако е потребно уште вода или зачини додадете ги додека се вари јадењето.
– Ова вариво послужете го врело.

loading...