ВАРХЕЈИ: ОПОЗИЦИЈАТА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА Е ПОСВЕТЕНА НА ЧЛЕНСТВОТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, А НЕ ДА ПРЕДИЗВИКУВА ЕМОЦИИ КОИ НЕМА ДА ЈА ВОДАТ ЗЕМЈАТА НАПРЕД

Eврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се надева дека, од сега па натаму, сите политички партии во земјава, вклучително и опозицијата, ќе работат на европската иднина и нема да започнат со „контроверзи и со предизвикување емоции кои нема да ја водат земјата напред и нема да ѝ донесат ништо на добро“.

„Опозицијата секогаш тврди дека е посветена да се случи членството на земјата во ЕУ – па ајде да го докажеме тоа“, порача Вархеји во одговор на новинарско прашање околу можните блокади на уставните измени во Собранието, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и чешкиот министер за надворешни работи – Јан Липавски, по одржувањето на првата Меѓувладина конференција на земјава со ЕУ во Брисел.

Вархеји оцени дека во текот на дебатата за францускиот предлог во Собранието „биле надминати некои европски вредности“, но изрази надеж дека по денешната меѓувладина конференција сепак ќе биде свртена нова страница за земјата.

Тој истакна дека постои јасна посветеност не само од Владата, туку и од Собранието, за уставните измени, посочувајќи дека во спроведувањето на францускиот предлог свои надлежности има и законодавниот дом и тој треба да се вклучи во носењето на такво решение.

Во врска со истото прашање, премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека по зачленувањето во НАТО, земјата сега тргнува кон својата втора стратешка цел – членството во ЕУ, одлука која беше поддржана од мнозинството пратеници во Собранието.

„Слушнавме сѐ и сешто во Парламентот, слушнавме недоличнi изјави од некои политички партии од опозицијата. Меѓутоа, сепак, мнозинството граѓани претставени преку своите пратеници во Собранието ја донесоа одлуката благодарение на која денеска ја одржуваме првата Меѓувладина конференција“, истакна Ковачевски, додавајќи дека како резултат на таа одлука денеска почнува процесот на скрининг.

Ковачевски рече дека одговорност на пратениците од опозицијата е да учествуваат во дебатата и понатаму, бидејќи во самиот процес на преговори ќе има уште многу чекори по денешниот прв чекор и Собранието ќе има свои обврски во спроведувањето на тие чекори.

„Одговорност на секој политичар е да мисли на иднината на држвата и за иднината на идните генерации. Не смее политичар да мисли само на својот личен рејтинг и на својата политичка кариера. Ние се водевме од иднината на државата, се водевме од одлука која ќе овозможи иднина и просперитет на сите граѓани на државата. Верувам дека сите пратеници во Собранието ќе бидат одговорни и во служба на граѓаните“, рече премиерот.

Тој потенцираше дека земјава носела историски одлуки „и во времето на Киро Глигоров, на Никола Кљусев, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Зоран Заев“, поради кои државата одеше напред.

„Заради тие одлуки ние денес сме членка на НАТО. Во виорот на војна што се води Европа, ние сме безбедни, членки на најголемиот одбранбен безбедносен сојуз во светот“, додаде Ковачевски.

Според него, со денешниот ден паднале во вода сите манипулации и шпекулации за идентитетот и јазикот.

„Одговрност на сите политичари во државата е да го поддржат тој пат. Затоа што тоа е единствениот пат за Република Северна Македонија кон градење поуспешна и попросперитетна иднина, бидејќи друга алтернатива нема“, порача Ковачевски.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.