Василичарски мазник

500 г брашно
250 мл млака вода
50 мл масло за јадење + масло за попрскување
1 лажица алкохолен оцет
половина лажиче сол
Фил:
400 г дробено сирење или урда
3 лажици павлака или кисело млеко
1 јајце
сол и мелен црн пипер
Во сад скршете го јајцето и изматете го со виљушка. Додадете ги сирењето и павлаката. Зачинете по вкус и промешајте го филот.
Во друг сад ставете ги маслото, водата, оцетот и солта. Измешајте, постепено додавајте го брашното и замесете помеко тесто. Премачкајте го со масло и оставете го да отстои 20 минути.
Размесете го тестото, исечете го на 5 дела и формирајте топчиња. Секое топче премачкајте го со масло и почнете да го тегнете на чаршаф. Со тегнењето почнете од средината, а потоа внимателно и полека тегнете по краевите. Попрскајте ја кората со масло и нанесете 1/5 од филот. Со остар нож отсечете ги краевите на кората и со чаршафот завиткајте го мазникот во ролна. Свиткајте ја ролната во форма на полжав и ставете ја во средината на тркалезна тава. На истиот начин подгответе ги и останатите ролни и во круг редете ги во тавата. Во некоја од ролните ставете паричка завиткана во алуминиумска фолија. Попрскајте со масло и печете го мазникот околу 30 минути на 200  степени. Намалете ја температурата на 180 степени и печете уште 15 минути. Покријте го мазникот со кујнска крпа и оставете го да се подизлади.

Loading...