Ватикан: Папата Франциско се чувствува добро по операцијата на дебелото црево

Loading...

Папата Франциско е добро по операцијата на дебелото црево, објави Ватикан откако 84-годишниот поглавар на Римокатоличката црква беше хоспитализиран за прв пат откако беше избран во 2013 година.
Портпаролот Матео Бруни изјави дека Папата добро реагирал на операцијата, извршена под општа анестезија а за која Ватикан соопшти дека била претходно закажана и не била резултат на итен случај.
Бруни не даде дополнителни детали за операцијата, ниту за тоа колку траела, ниту пак кажа колку долго папата ќе престојува во Римската болница Гемели.
Франциско пристигна во болницата во неделата попладне, а изјавата на Ватикан беше објавена нешто пред полноќ.
Папата беше опериран за симптоматска дивертикуларна стеноза на дебелото црево. Операцијата ја изврши медицински тим од 10 лица.
Освен што предизвикува болка, состојбата може да доведе до надуеност, воспаление и тешкотии во столицата. Има тенденција повеќе да влијае на постарите луѓе.
Ова е првпат папата Франциско да биде примен во болница откако беше избран во 2013 година.
Само неколку часа пред да објави дека ќе се оперира, Папата им се обрати на илјадници луѓе на плоштадот Свети Петар за време на благословот во неделата и најави патување во Словачка и Будимпешта во септември.
На папата Франциско понекогаш му недостасува здив затоа што му е отстранет дел од едното белодробно крило поради болест од која се лекувал како млад во неговата родна Аргентина, анализираат медиумите.
Според написите, тој исто така страда од ишијас, состојба што предизвикува силна болка од долниот дел на грбот долж нервот до нозете.
Поради болката, понекогаш има потешкотии во одењето и редовно оди на физикална терапија, и од таа причина пропушти неколку настани на почетокот на оваа година, стои во написите на новинарите.

loading...