Вевчански карневал

Loading...

Во Вевчани вчера започна традиционалниот карневал, кој ќе се одржува од 12 до 14 јануари и во чии рамки се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1 000 маски и 10 000 посетители. Програмата официјално започна вчера, 12 јануари со изложба на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од Анастас Ќушкоски и продолжи вечерта со забавниот дел од музичката програма што ја предводи групата „Архангел“.
Денес, 13 јануари неколку илјади гости ја проследија уникатната карневалска поворка, на која вевчанските василичари за прв пат ги претставија годинашните маски, кои претходно се чуваа во најголема тајност. Вечер, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат можност да слушнат повеќе етно состави, меѓу кои и „Баклава“, Кате и “Нели ти реков“, како и “Џубокс Бенд“ и Оркестарот зурли и тапани Вевчани.
Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција што се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој, според своите специфични особини, се одвојува од другите во светот поради својата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.
Утре, Вевчанскиот карневал традиционално ќе заврши со палење на маските.

loading...