Венко Филипче: Со воведување на нови мерки за заштита ќе се потрудиме да го избегнеме карантинот

Loading...

Состојбата со пандемијата со ковид-19 се влошува како во светот, така и кај нас. Месецот септември може да биде почеток на нов есенски бран на новозаразени со коронавирусот, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

– Според анализите на Комисијата за заразни болести, заклучно со 19 септември, најголем број заразени се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип. Според дистрибуција на возрасни групи и натаму е најзастапена групата на луѓе постари од 60 години, но исто така критична е групата помеѓу 30 и 39 години. Анализите на потврдените случаи во земјава покажуваат дека најголем број на новозаразените се по локален начин на пренесување на вирусот.

Од анализите на новозаразсените, додаде тој, може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитувањето на мерките и препораките.

– Очигледно дека граѓаните заборавија на важноста на почитување на мерките, летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период завршува. Ризикот што го носи есента е сериозен аларм. Нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик сите останати кои можат да бидат жртви на коронавирусот. Поради оваа состојба, веќе започнавме да ги засилуваме контролите и протоколите, сите инспекторати и институции интензивно ќе работат.

Тој објасни дека во тек се анализи и планови за воведување нови мерки за спречување на ширењето на вирусот.

– Наша стратегија е да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на вирусот. Целта е да се избегнат рестрикции на движењето и кои би ја закочиле економијата. Но, ако тоа е нужно, тоа ќе го направиме. Дел од мерките што ги разгледуваме е задолжително носење маска на отворено, регулирање на бројот на лица во угостителските објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни прослави, како и намалување на капацитетот на јавниот превоз. Свесни сме дека ќе се соочиме со нов есенски бран. Секој од нас мора да ја разбере сериозноста од ситуацијата. Сите знаеме какви штети предизвикува карантинот, а можеме да го превенираме само ако сите се придржуваме до мерките. Од нас зависи каква есен ќе имаме – посочи Филипче.

loading...