Министерката за образование Весна Јаневска вели дека се планира да се воведе вештачка интелигенција во македонското образование. Таа информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на подоготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.
Внимателно планираме и преку стратешки пристап постепено ќе ја имплементираме оваа технолошка иновација во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси, рече Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул организиран од турското Министерство за образование.
Таа рече оти МОН препознава дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди, создавајќи услови за персонализирано учење кое ќе одговори на индивидуалните потреби на секој ученик, студент и наставник.
Оваа технологија треба да ни овозможи да создадеме образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум, независно од неговите почетни способности или социо-економски услови, рече Јаневска.
Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор. Децата, додаде, прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.
-Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат. Во таа насока, улогата на наставникот е клучна и тој треба да ги води учениците низ процесот на критичко размислување и етичка употреба на оваа технологија, нагласи Јаневска.