Викенд на уживање за непца и уши – Egnatia Escape Festival

Потпелистерските села Трново, Дихово и Цапари викендот беа поврзани преку работилници за храна, музика и уметност. ОХО Продукцијата го реализираше првото издание на Egnatia Escape Festival и покажа кои потенцијали се кријат во подножјето на само една мала географска одредница на историската рута Виа Игнација, чија важност низ далечната историја денешните генерации помалку ја разбираат.

Имено, организаторот преку интересно осмислена тридневна програма ја отвори скриената порта на потенцијалот кој таа историска патека преку храна, музика, култура, традиции и нови уметности може да ја рашири во поголеми географски ширини на тој историски пат, а не само тука локално.

„Магнитудата на релевантност на Виа Егнација за нашиот регион е речиси немерлива. Овој пат имал директно влијание врз вековната ефлоресценција на регионот, во секоја смисла на зборот” – објаснија организаторите во својата најава на овој фестивал.

Убаво е да се повторат фактите дека сите антички и римски патишта на Балканот или потекнувале од, или се надоврзувале на Виа Игнација, па така Македонија со право се сметала за една од главните крстосници во Римската империја.

Сите новитети кои се носеле од Азија до Европа и обратно, поминувале токму од тој пат и несомнено оставиле длабоки траги, материјални и духовни, чие што милениумското присуство се чувствува и денес.

Викендот, подножјето на Пелистер беше локално уживање и за непцето и за ушите во име на тоа славно минато. Трново, Дихово и Цапари беа топографските точки на Egnatia Escape Featival. А целта на овој фестивал беше, одново да ги открие тие духовни траги, но исто така и да воспостави нов отворен простор преку музика, гастрономија, уметност…. и култура на живеење.

Летечки пекинезери, Дина Јашари, BERRYQYAT беа музички вовед во петокот во етаблираниот Клуб Јагода, кој беше алтернативна локација заради лошото време. Но утрото донесе сино небо и планираните активности се одржаа на планираните топки на отворено.

Работилница „Магичниот свет на печурките“ во соработка со Фунги Игнатиа, саботно го освоија Дихово, а вечерта училишниот двор во селото беше претесен за публиката која дојде да ја слушне музичката фузија на Исмаил Лумановски & ЉУБОЈНА со Панајотис Андреу кој допатува од Грција, а грамофонџијата B. BOY беше завршница на таа ноќ.

А Цапари – и етно арт центарот кој таму го создадоа Силвана и Драги Филевски од Колонијата Де Ниро, беше неделната локација каде имаше работилница за подготовка на леб.

Финалето беше резервирано за ПИЈАН СЛАВЕЈ бенд пред заиграната публика и Диџеј сетот на BAD JUJU.

Ова е идеја која има прва реализација која дава сигурен впечаток за сјаен потенцијал на кој треба да се работи.

Убаво викенд бегство ни подготви ОХО дома…на траги од пат со неверојатна историја.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.