Вип се ребрендира во А1

Во текот на годинава телекомуникациската компанија Вип ќе го смени името во А1. Одлуката за ребрендирање на Вип доаѓа од А1 Телеком Австрија Групацијата во чии рамки функционира македонскиот Вип. Уште во 2017 година групацијата објави дека постепено ќе го воведува А1 брендот за сите свои компании.
– Воведувањето на А1 брендот на сите пазари каде што работи А1 Телеком Австрија Групацијата, не само што ќе ја зајакне позицијата на европскиот пазар, туку ќе им овозможи на сите А1 корисници од сите А1 пазари, доследно и единствено бренд искуство- велат од Вип.
И покрај најавата за промена на името од компанијата појаснуваат дека сите претходно стекнати права и обврски на корисниците, деловни партнери, клиенти или добавувачи остануваат непроменети и важечки, без потреба за промена на веќе постоечките договори. Корисниците немаат потреба за замена на СИМ картичка, броеви, модеми или било каква опрема, а сите услуги и договорени процеси ќе продолжат да функционираат како и претходно.
– Со брендот А1, сакаме да ја зајакнеме нашата позиција како партнер од доверба за нашите корисници, кој ќе им понуди соодветни решенија кои ќе ги збогатат нивните животи и потреби за дигиталната ера. Во соработка со нашите корисници, ќе осмислуваме нови паметни решенија со кои тие ќе можат да уживаат во дигиталното време – изјави Мислав Галер, извршен директор на Вип.
На берзата во Виена А1 Телеком Австрија групацијата со околу 24 милиони корисници во седум држави е водечки провајдер на комуникациски решенија во Централна и во Источна Европа. Групацијата е европска деловна подружница на телекомуникацискиот провајдер América Móvil со седиште во Виена.

Loading...