Владимир Пешевски и Трајко Вељаноски станаа владини советници на Мицкоски

Владата ги ангажирала поранешните функционери од ерата на владеењето на Никола Груевски – Владимир Пешевски и Трајко Вељаноски како надворешни соработници на премиерот Христијан Мицкоски.

За поранешниот вицепремиер за економски прашања и поранешниот претседател на Собранието може да се види дека добиваат исплати под шифрата „консултантски услуги“ на платформата „Отворени финансии“. Пешевски веќе редовно добива месечни исплати од 60.000 денари, додека Вељаноски од овој месец има една исплата од 38.710 денари што не може да се заклучи дали е целосна.

Пешевски беше виден на отворањето на патот Страцин – Крива Паланка на почетокот на месецов, заедно со другите членови на Владата и останатите државни функционери. За Вељаноски јавноста подолго време нема ништо прочитано, но и тој исто како Пешевски е поранешен истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, за кого велат дека често наминува во партиското седиште.

За Вељаноски можеше единствено да се прочита нешто откако беше обвинет за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017, додека пак за Пешевски се пишуваше за случајот „Траекторија“ за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Инаку веќе е познато, иако Владата ова не го потврдува јавно, дека надворешни соработници на Мицкоски му се професорите Александар Спасеновски, Лазар Јовевски, Игор Николов и дипломатот Сашо Марковски.

На веб-страницата на Владата има посебен прилог за овој тип на советници, но нема линк на кој може да се видат имињата. Последен пат таму беа објавени имињата на 15-те поранешни надворешни соработници на претходниот премиер Димитар Ковачевски.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.