Влошена епидемиолошката состојба – расте бројот на новозаразени и на реинфекции

За една третина (33,9 отсто) е зголемен бројот на нови КОВИД-случаи од 10 до 16 јануари, споредено со претходната седмица, односно дијагностицирани биле 11 .123 од направени 45.401 тест и просекот на позитивност бил 24,4 отсто.
Епидемиолошките информации укажуваат дека земјата се наоѓа во пикот на заразата и затоа, по препорака на Главниот координативен кризен штаб, Владата донесе одлука второто полугодие за околу 255 илјади ученици наместо утре да почне на 1 февруари.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, од минатиот до понеделникот оваа недела, половина од заразените (50,6 проценти т.е. 5630) се од Скопје. Најзастапена возрасна група кај инфицираните е од 30 до 39 години. Зголемување на бројот на заболени има кај сите возрасни групи, особено кај лицата над 60 години, со раст од 99,6 отсто и кај тие од 50 до 59 – со зголемување од 90,3 отсто во однос на претходната недела. Во текот на минатата недела пријавени биле 1247 реинфекции, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти. Од вкупно 96 позитивни примероци на SARS-CoV-2, кај 57 (59,4%) е детектиран сојот омикрон, откриен во седум градови (Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија).
Неделниот извештај на ИЈЗ покажува и дека од 10 до 16 јануари имало 55 смртни случаи од COVID-19, во 15 градови, што е за 34,1 проценти повеќе од минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22) и се луѓе над 60 години. На болничко лекување се 439 лица што е една четвртина повеќе во споредба со претходнаta недела.
Со новите 2.269 КОВИД-случаи од последното деноноќие, од кои 1169 се во Скопје и 310 се реинфекции, бројот на дијагностицирани со коронавирус во земјава од почетокот на епидемијата достигна 247.663. Активни случаи има 17.218 и од нив 9.167 се во главниот град. Четирицифрен број активни има Битола (1516), речиси илјада (960) се во Прилеп, а над триста имаат Куманово (662), Охрид (548), Кавадарци (426),Струмица (345) и Велес (327).
Влошена е епидемиолошката состојба и во земјите од Западен Балкан, а особено е тешко во Словенија, Србија и Хрватска, каде вчера се евидентирани рекорден број новозаразени.

Пронајдете не на следниве мрежи: