Во Атина полицијата со солзавец против демонстрантите

Грчката полиција употребила солзавец врз левичарски демонстранти кои протестираа против посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина. Грците ја обвинуваат Меркел за мерките за штедење воведени поради големиот финансиски долг на земјата.
И покрај забраната за демонстрации во центарот на градот во текот на дводневната посета на германската канцеларка Ангела Меркел, неколку десетици луѓе успеале да го пробијат полицискиот кордон пред да бидат истуркани од полицијата. Нема извештаи за повредени или уапсени.
За време на посетата на Меркел во Атина има енормно силно обезбедување. Ангажирани се 2 илјади полицајци, хеликоптери и дронови, додека некои улици и метро-станици се затворени.