Во која земја живеат најмногу милијардери?

Loading...

Секој втор нов милијардер, кој се збогатил во 2020 година, доаѓа од Кина. Оваа земја стана рудник на милијардери, бидејќи во неа има најмногу, вкупно 1.058. За разлика од Кина, во САД живеат 696 луѓе чиј имот е поголем од милијарда долари.
Од 610 луѓе во светот кои во 2020 станале милијардери, 318 се од Кина додека 95 се од САД, покажува истражувањето на Hurun.
„Во Кина во текот на 2020 година се појавија повеќе милијардери отколку во остатокот од светот заедно, па така Кина е далеку пред САД во бројот на милијардери“, се наведува во извештајот.
Не само што има најмногу милијардери, туку Кина има и градови во кои живеат најмногу милијардери. Меѓу 10 градови со најмногу милијардери во светот, шест се во Кина. Лидер на листата е Пекинг, каде живеат 145 милијардери, по него е Шангај, додека трет на листата е Њујорк (САД).
„Светот никогаш не видел толку богатство да е креирано во само една година, далеку од предвиденото и очекуваното во година која е тешко погодена од пандемијата на коронавирусот. Секоја недела се појавуваа по осум нови милијардери“, вели Руперт Хугеверф, главен истражувач на Hurun извештајот.
Најбогатите луѓе во светот станале колективно уште побогати во 2020 година, додека остатокот од светот преживува низ економската криза продлабочена од пандемијата. Според ова истражување, колективното богатство на најбогатите луѓе порасна за 32%.
Моментално во светот има вкупно 3.228 познати милијардери во 2.402 компании во 68 држави. Најмногу се збогатиле од бизниси во здравството и малопродажбата, како и производство на електрични возила и е-трговија.
„Брзината на создавање богатство е застрашувачка. Тројца заработиле повеќе од 50 милијарди долари само во една година. На чело е Илон Маск кој во 2020 го зголеми богатството за 151 милијарда благодарение на електричните возила. Тука е и Џеф Безос, кој заработи 50 милијарди како и Колин Хуанг од кинеската дигитална платформа која поврзува фармери, купувачи и дистрибутери. Доколку продолжи овој степен на раст, очекуваме во следните пет години во светот да има повеќе од 50 луѓе кои ќе имаат богатство поголемо од 100 милијарди долари“, стои во извештајот.

loading...