ВО НЕКОГАШНИОТ ЧЕВЛАРСКИ ГРАД, СЕГА ДРУГИ ГИ ВРТАТ МИЛИОНИТЕ. Кои 5 кумановски фирми, свртеле 122 милиони евра?!

АНАЛИЗА | На некогашниот чевларски град, Куманово, печат веќе му ставаат други компании. Сега таму најпрофитни се трговци на големо со метална стока, цевки, уреди за водовод и централно греење, па трговци на големо со дрва, градежен материјал, санитарна опрема, но и компании за изградба на згради и објекти од нискоградба, покажува анализата на „Пари“.

Од над еден до речиси три милиони евра добивка имале лани 5 кумановски компании. Гигантите во третиот град по големина, кои свртеле најмногу пари, или имале и најголема добивка, за жал, ги нема во ТОП 5 фирми кои исплатувале највисоки плати на своите вработени.

ТРГОВЕЦ СО НАФТЕН БИЗНИС ОСТВАРИЛ НАЈГОЛЕМ ПРИХОД

Групата од пет компании во Куманово кои свртеле најмногу пари и имале највисоки приходи лани, ја предводи компанија од нафтениот бизнис, односно компанија за трговија на мало со моторни горива. Станува збор за компанијата ДЕТОИЛ, која лани остварила вкупни приходи од фантастични 44,4 милиони евра. Тоа е раст на приходите за 11,6 проценти во однос на претходната, 2020 година, кога компанијата свртела речиси 39,8 милиони евра. Таа не е во првите пет компании со најголема добивка ‒ лани имала добивка од 418.368 евра, што е раст од неверојатни 316,47 % во однос на 2020 година, кога компанијата остварила чиста добивка од 100.455 евра. А со 156 вработени ја има и на листата од пет компании со најмногу вработени, но не и на листата на фирми кои исплатуваат највисоки плати.

Втора на листата со највисоки приходи, речиси двојно помалку од Детоил, е компанијата МЕТАЛ-НЕТ, компанија за трговија на големо со метални стоки, цевки, уреди за водовод и централно греење. Таа остварила приходи од речиси 23,4 милиони евра.

Следува Квалитет-пром, компанија за трговија на мало со дрва, градежен материјал, санитарна опрема, со речиси 23 милиони евра.

Четврта на листата е фирмата ЕЛИДА, за трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, која лани свртела речиси 16,7 милиони евра, или за 18,31 % повеќе пари од 2020 година, кога имала приходи од 14 милиони евра. Таа не е во топ пет компании со најголема добивка. Лани имала добивка од речиси 168.000 евра и раст од над 93 проценти на добивката во однос на 2020 година, кога имала речиси 87 милиони евра добивка. Таа е прва на листата на најголеми работодавачи, со вкупно 295 вработени, но ја нема на листата со највисоки плати. Последна од ТОП 5 компании со најголеми приходи е компанијата за изградба на станбени и нестанбени згради, Рапид Билд, која свртела над 16 милиони евра. Таа е втор најголем работодавач во Куманово, со 288 вработени, но исто како и другите кои свртеле милиони, ја нема на листата на компании кои даваат највисоки плати за своите вработени.

|Во евра|

КОМПАНИЈА  ПРИХОДИ ВО 2021 ГОДИНА ПРИХОДИ ВО 2020 ГОДИНА РАСТ %
ДЕТОИЛ  44.417.179 39.796.246+ 11.61
МЕТАЛ-НЕТ    23,362,34115.899.919+ 46.93
КВАЛИТЕТ-ПРОМ  22.995.24823,956.484‒ 4.01
ЕЛИДА 16,662,48614,084.167+ 18.31
РАПИД БИЛД    16.050.29514.634.351+ 9.68

Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

КУМАНОВСКИ КОМПАНИИ СО МИЛИОНСКИ ДОБИВКИ

Анализата на Пари.мк покажува дека петте најуспешни компании во Куманово, лани оствариле добивки од над 1 до речиси 3 милиони евра. Податоците покажуваат дека најуспешни биле трговци на големо со метална стока, цевки, уреди за водовод и централно греење, па трговци на големо со дрва, градежен материјал, санитарна опрема, но и компании за изградба на згради и објекти од нискоградба. Три од компаниите што се на листата со највисоки приходи, се и на листата со највисоки добивки. Но влегле и две нови.

Прва најуспешна е МЕТАЛ-НЕТ, која лани остварила добивка од речиси 2,9 милиони евра. Анализата покажува дека на оваа компанија лани ѝ пораснале приходите за 46,93 проценти во однос на 2020 година, а добивката над 260 проценти. Таа не се појавува на листата со најмногу вработени, ниту на листата со највисоки плати.

Втора компанија со добивка од над 1,42 милиони евра е Квалитет пром. Лани добивката ѝ пораснала за над 83 проценти во однос на 2020 година, и таа е трета по број на вработени, со 240 лица, но исто како и другите од листата со највисоки добивки, не е во топ пет компании со највисоки просечни плати. Следува Рапид Билд, со добивка од 1,32 милиони евра, која лани остварила фантастични 136 проценти раст на добивката во однос на 2020 година.

Претпоследна во топ пет е КООП ИНЖЕНЕРИНГ, која се занимава со изградба на објекти од нискоградба, со 1,24 милиони евра добивка. Лани имала приход од 5,6 милиони евра, што е за 2,22 проценти пониско од 2020 година, кога имала приход од над 5,7 милиони евра. Таа е единствената која има и пад на добивката од 8,3 проценти во однос на 2020 година. За разлика од неа, пак, последна на листата е компанијата МЕГА, која лани остварила добивка од 1,23 милиони евра. Таа го има највисокиот раст на добивката од сите компании од листата на топ пет, со неверојатни 490 проценти зголемување на добивката лани во однос на 2020 година.

ТАБЕЛА ДОБИВКА

|Во евра|

КОМПАНИЈАДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА  ДОБИВКА ВО 2020 ГОДИНАРАСТ %
МЕТАЛ-НЕТ   2.891.282  802.230+ 260.41
КВАЛИТЕТ-ПРОМ   1,422,360772.474+ 84.13
РАПИД БИЛД 1.323.342560.386+ 136.15
КООП ИНЖЕНЕРИНГ 1.247.8421.361.458‒ 8.35
МЕГА ДОО  1.230.125208.363+ 490.37

Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

КОИ СЕ КОМПАНИИТЕ СО НАЈМНОГУ ВРАБОТЕНИ

Четири од компаниите со најмногу вработени во Куманово се барем на една од листите ‒ топ пет фирми кои свртеле најмногу пари, или во листата со највисоки добивки. Само една е во минус. Станува збор за ФЗЦ 11 ОКТОМВРИ, која е четврт најголем работодавач во Куманово, со 227 вработени. Таа лани остварила приходи од 11,3 милиони евра или за 25 проценти помалку од 2020 година, кога прикажала приходи од околу 15 милиони евра. Но кога станува збор за добивката ‒ таа е во минус. Така, лани компанијата била во загуба од 1,67 милиони евра, што е за 7,3 проценти помалку од 2020 година, кога минусот бил 1,8 милиони евра.

ТАБЕЛА ВРАБОТЕНИ

КОМПАНИЈАВРАБОТЕНИ ВО 2021 ГОДИНА
ЕЛИДА295
РАПИД БИЛД 288
КВАЛИТЕТ-ПРОМ240
ФЗЦ 11 ОКТОМВРИ АД    227
ДЕТОИЛ   156

Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

КУМАНОВСКИ КОМПАНИИ КОИ ИСПЛАТУВААТ НАЈВИСОКИ ПЛАТИ

Во топ петте компании во Куманово кои исплатуваат највисоки плати, за жал, нема ниту една од компаниите со највисоки приходи и најголема добивка, ниту пак од листата со најмногу вработени. Така, во Куманово има компании каде просечната плата по вработен е речиси две македонски просечни плати.

Прва на листата е компанија за техничко испитување и анализи, АВТОКОНТРОЛ ПЛУС, каде просечната плата по вработен е фантастични 63.784 денари.

Со просек од 54.417 денари е компанијата УНОГРАДБА, градежна компанија за изградба на згради.

Следува МАР МЕДИКА, со 45.302 денари просек по вработен, па ПАН-ГРАФ, со 44.608 денари, и последна во топ петте е АВТОКОНТРОЛ, компанија за техничко испитување и анализи, каде платата е над македонскиот просек и изнесува 36.720 денари.

ТАБЕЛА ПЛАТИ

КОМПАНИЈАПРОСЕЧНА ПЛАТА ПО ВРАБОТЕН ВО 2021 ГОДИНА
АВТОКОНТРОЛ ПЛУС  63.784
УНОГРАДБА          54.417
МАР МЕДИКА   45.302
ПАН-ГРАФ44.608
АВТОКОНТРОЛ   36.720

 Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/vo-nekogashniot-chevlarski-grad-sega-drugi-gi-vrtat-milionite-koi-5-kumanovski-firmi-svrtele-122-milioni-evra/

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.