Во Охрид денес започна уривањето на дивоградбите

Во согласност со акцискиот план, со уривање на објект на улицата „Марко Нестороски“ Општина Охрид денес започна со најавуваното уривање на дивоизградените објекти низ градот и долж крајбрежјето. Како што се наведува во соопштението од Општина Охрид, се постапува согласново законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО.
Според предвиденото, во акцијата за уривање, паралелно ќе бидат отстранувани дивоизградени објекти кои што се во тек на израдба и оние дивоградби кои се опфатени со регистарот на дивоизгредени објекти, кои се изградени во периодот од 2006-та до 2019-та година. На почетокот, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид.
Општина Охрид е сериозно посветена на успешноста на целокупната акција за отстранување на дивоградбите и уште еднаш ги повикува сопствениците на дивоизградени објекти, да постапат согласно добиените решенија за отстранување на градбите. Во спротивно отстранувањето ќе го изврши општината, а трошоците за отстранување, ќе ги сносат лицата кои се задолжени во решенијата.

 

 

Loading...