Германија ќе го блокира влезот на Романија и Бугарија во Шенгенската зона

Loading...

Германија на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската унија што ќе се одржи седмицава во Брисел ќе вложи вето на влегувањето на Романија и Бугаријa во Шенгенската зона, најави германскиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих од Христијанско социјалната унија (CSU), во разговор за неделникот Der Spiegel објавен во неделата.

 
„Доколку Романија и Бугарија останат на своето барање, тоа нема да мине бидејќи Германија ќе вложи вето”, вели Ханс-Петер Фридрих за весникот. Германскиот министер за внатрешни работи ја отфрлил можноста за „ублажено” влегување на Романија и Бугарија во Шенгенскиот простор.
„И размислувањата за тоа да се дозволи шенгенски режим само на премините на аеродромите и во пристаништата се отфрлени”, додава Фридрих. Тврди дека во овој момент Романија и Бугарија не се подготвени за влез во шенгенскиот простор и дека е тоа нешто што не може да биде дозволено од обѕири спрема германските граѓани.
„Нашите граѓани ќе го прифатат проширувањето на шенгенскиот простор единствено доколку бидат создадени услови за тоа. Но тоа, сепак, во овој случај не е така”, тврди Фридрих.
Како причина за решителното одбивање за влегување на двете најмлади и најсиромашни членки на Европската унија во шенгенскиот простор, Фридрих ја наведува корупцијата во двете земји којашто би можела да има и последици и врз лесното издавање визи за Шенгенската зона.
„Кој со подмитување ќе дојде до виза, тој може слободно и без контрола да патува и по Германија”, вели германскиот министер за внатрешни работи.
Фридрих повторно се изјаснил за одлучните мерки со кои би требало да се спречи доселувањето во Германија со единствени мотиви да се искористи тамошниот социјален систем.
„Секој што доаѓа во Германија за тука да работи и студира е добредојден. Меѓутоа, кој доаѓа само за да собира социјална помош и да ја искористи слободата на движење, тој мора да биде спречен во таа намера”, категоричен е Фирдрих.
Најавува дека во Брисле ќе се заложи за воведување мерки кои би спречувале вакво облик на миграција. Една од мерките би можела да биде и забрана за повторен влез во Германија за сите коишто го злоупотребиле германскиот социјален систем.
„За оваа намера ќе се заложам во Брисел. Бидејќи ние не можеме да дозволиме порано или подоцна граѓаните од цела Европа да се упатат во Германија со единствена причина, а тоа е поради тоа што во Германија се највисоките социјални повластици”, заклучува Фридрих.
Шенгенскиот договор овозможува преминување на границите без контрола во речиси сите земји на Европската унија, освен Велика Британија и Ирска. Во рамките на шенгенскиот простор влегуваат и Норвешка, Швајцарија и Исланд иако не се членки на ЕУ.
Последните седмици во Германија се разви расправа околу засиленото доселување на граѓани од Романија и Бугарија, претежно Роми. Германските градови и општини веќе подолго време се жалат на големиот финансиски товар и оптоварувањето на социјалните фондови коишто ги предизвикуваат миграциите од Романија и Бугарија.
Според најновите испитувања на јавното мнение, две третини од Германците се противат на доселувањето од другите земји во Европската унија. Расправата во Германија се води и со поглед на 1-ви јануари следната 2014 година кога се укинуваат ограничувањето за пристапот на германскиот пазар на трудот за граѓаните на Романија и на Бугарија. А покрај за нив германската влада планира да воведе ограничување за хрватските државјани при нејзиниот најверојатен скорешен влез во ЕУ.
Макфакс
Германија на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската униј

loading...