“ГОРИ“ ЕВРОПА – Топлотни Бранови Во Шпанија И Франција: “Температурите Ќе Се Искачат Над 40 Степени

Топлотен бран ја зафати Шпанија во понеделникот додека Франција се подготвува за рекордно високи температури оваа недела.

Резултатот од топлотниот бран, резултираше со најтоплиот мај во Шпанија во последните 100 години. Топлотниот бран би можел „да трае до крајот на неделата“ , изјави за APF, Рубен дел Кампо, портпарол на шпанската метеоролошка агенција.

Тој посочи дека температурите во текот на денот во многу шпански градови ќе надминат „40 степени Целзиусови“, а ноќе ќе останат доста високи, „над 20 или 22 степени“.

Метеорологот предупредува дека оваа појава, која „не е ограничена само на Пиринејскиот Полуостров“, во наредните денови ќе стигне и до други европски земји, како Франција.

„Ваквата екстремна топлина, во ова време на пролетта, не е вообичаена и е последица на глобалното затоплување“, посочи Дел Кампо.

Во последните 10 месеци, Шпанија помина низ четири бранови на екстремни температури – топлотен бран во август, кога беше соборен топлотниот рекорд (47,4 степени во Монторе, на југ), потоа „екстремно високи“ температури забележани помеѓу Божиќ и Нова Година, па мајскиот топлотен бран, а сега последен во јуни.

Температурата би можела да се искачи до 43 степени Целзиусови во Андалузија, особено во Кордоба или Севиља.

Во Шпанија традиционално има топли лета, но „температурите растат секоја година, а топлотните бранови траат подолго, на пример, летата траат еден месец подолго отколку во 1980-тите години“, што резултира со смрт на речиси 1.800 луѓе годишно, тврди Дел Кампо.

И поголемиот дел од Франција неделава ќе биде погоден од топлотен бран со температури до 40 степени.

Во Париз е можна температура од околу 37 степени, соопшти француската метеоролошка служба.

Тамошните медиуми во понеделникот јавија дека периодот на високи температури ќе трае од среда до сабота, а топлотниот бран најмногу ќе го зафати јужниот дел од земјава. До 40 степени ќе има во Тулуз, Бордо и Лион.

Зголемените топлотни бранови, особено во Европа, се резултат на глобалното затоплување, велат научниците. Емисиите на стакленички гасови ја зголемуваат нивната јачина, времетраење и фреквенција.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.