Груевски ќе ја загуби пратеничката плата, изгласа Собранието

Со 52 гласа „за“ и два „воздржани“ денес Собранието на Република Македонија ги усвои дополнувањата на Законот за пратеници, со кои на поранешниот премиер Никола Груевски ќе му се укине пратеничката плата. Усвоеното законско решение предвидува ако пратеник е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од шест месеци, да го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци.
– Законот ќе обезбеди подобрување на извршувањето на функцијата пратеник, како и нејзиното професионално вршење, стои во образложението на допнувањата што ги поднесоа пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Мухамед Зеќири од СДСМ, Горан Мисовски и Соња Мираковска од НСДП, Реџеп Мемеди од БЕСА и Реџеил Исмаили од ДУИ.