Грција: Дел од средношколците се враќаат во училишните клупи

Loading...

Со потврда за негативен тест за Ковид-19, направен синоќа или рано утрово, со задолжителна маска и со почитување на превентивните мерки, средношколците во Грција на возраст од 16 до 18 години денеска се враќаат во училишните клупи,.
Грчката Влада воведе нов вид бесплатни тестови за домашна употреба (т.н. „селф“ тестови) кои од минатата седмица се достапни во аптеките, но и задолжителни за средношколците и просветните работници во пресрет на денешното отворање.
По направениот тест, резултатите се пријавуваат на специјална интернет платформа, а според информациите доцна синоќа, 0.27 отсто од тестовите се позитивни, односно пријавени се вкупно 408 заразени ученици и професори.


Поконкретно, од учениците, позитивни се 236, а негативни 98.965, додека пак од професорите и останатиот персонал во средните училишта, 172 лица добиле позитивен резултат, а 50.887 негативен.
„Селф“ тестовите за учениците, професорите, како и останатиот персонал во училиштата се задолжителни два пати седмично, односно ќе треба да ги прават или вечерта или наутро пред училиште, секој понеделник и четврток.
При негативен резултат, добиваат училишна карта, што е задолжителна за следење настава, а при позитивен резултат ќе треба да се спроведе и второ тестирање, но во здравствена институција.
Конкретните тестови, што набргу ќе бидат достапни и за сите граѓани, според грчката Влада се дополнителна алатка во борбата со Ковид-19, но и дополнителна алатка во процесот на олабавување на рестрикциите.

loading...