Дали Кочан, Авировиќ, Канческа-Милевска ќе се спасат од затвор?

Бизнисменот Сеад Кочан, близок до пратеникот Зекир Рамчиловиќ и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василије, ќе се спасат од затвор. Се крчкаат законски измени за спас и на екс министерката Елизабета Канческа Милевска, со што владата ќе има загарантирани три од четирите пратенички гласа што им фалат за уставни измени.
Неофицијално, четвртиот ќе го обезбеди пратеничка кога е во роднински врски со Сашо Мијалков, а кој, пак, се очекува да биде пуштен во домашен притвор. Откако вчера беше изгласана потребата од измени на Кривичниот законик, денеска и Законодавно-правната комисија одобри намалување на затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки. Во членот  275-в, казната се намалува од 5 на 4 години. ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седницата со образложение дека тоа е тргување со правото, додека останатите пратеници ги бранеа измените.
Авировиќ и Кочан се обвинети за фалсификување на документи со кои добиле тендер вреден 17,2 милиони евра од ЕЛЕМ. Првиот доби три години затвор, а вториот шест. Се жалеа пред Апелација, но одговор немаше со месеци.  Проценките се дека, со предложените законски измени, ќе се отвори шанса да им се ублажат казните, а Авировиќ и условна казна. Измените на членот 353, пак, со кој повеќе случаи на СЈО требаше да паднат во вода, вчера беа повлечени на доработка, но денеска повторно се најави можност да се вратат во поинаква форма.
Со измените на овој член, се предлагаше исто така намалување на казните, но и кривично да се гони само сторител кој прибавил имотна корист, а не како што е сега „некаква корист при злоупотреба на службеното овластување“. Од тоа најмногу би се офајдила Канческа-Милевска, која е обвинета за случајот „Тендери“, но во обвинението не стои дека за себе прибавила имотна корист. Новинарите кои ја следат оваа проблематика се убедени дека, иако вчера, под притисок на јавноста беше повлечен спорниот член, по празниците ќе се најде друго решение.
За правниците, пак, ова е класичен политички пазар на мала врата што на долг рок ќе има последици врз постапките. Правото, велат, има основни правила и принципи што мора да се почитуваат.
Доколку се најде нова форма за измените во членот 353, на 50 –мина обвинети во 11 предмети на СЈО би можеле да им бидат намалени казните или да бидат амнестирани. Меѓу нив се и Мијалков, Јанакиески, Канческа-Милеска, Јанкуловска и Пешевски.

Извор: ТЕЛМА