Денес пресуда за “27-ми април“

Во Кривичниот суд во Скопје денес ќе биде објавена пресудата за 17-те преостанати, од првично 33 обвинети за насилствата во Собранието на 27-ми април 2017 година. Случајот го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Судскиот процес почна во август минатата година и на почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во Парламентот и на нападите врз пратениците. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Чавков на денешното рочиште ќе биде спроведен од затворот “Скопје“, каде се наоѓа поради одредената мерка притвор поради страв од бегство.
На извршителите во овој процес Јавното обвинителство им придодаде и петмина организатори на настаните од 27 април: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски, кои се товарат дека сториле кривично дело “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.