Ден на жалост во Косово за полицаецот кој загина при вршење на должноста

Косовскиот претседател Хашим Тачи го прогласи денешниот ден, 30 јануари, за ден на жалост во земјата, во чест на полицаецот Сами Тачи, кој го загуби животот вршејќи ја службената должност за време на полициска акција во вторникот вечерта во селото Жур во близина на Призрен, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во знак на државна и граѓанска почит, државните знамиња денеска ќе бидат спуштени на половина копје во сите државни објекти на Република Косово, внатре и надвор од државата, се вели во соопштението од кабинетот на Тачи. Претходно, вчера, претседателот на државата го одликува загинатиот полицаец, кој бил поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, со орденот „Херој на Косово“.


Полицаецот Сами Тачи загина, а двајца негови колеги беа повредени, во акција за приведување на лицето Иран Бадали, осомничен за повеќе кривични дела.
Според официјални полициски извори, Бадали во неговата куќа поставил експлозивна направа, која се активирала додека припадниците на полицијата вршеле претрес во внатрешноста на објектот. Во експлозијата е ранет и 11-годишниот син на Бадали.
Повод за полициската акција во вторникот вечерта билo јавувањето во полицијата во Призрен на 7-годишната ќерка на Бадали, која пријавила насилно однесување на нејзиниот татко.
Во текот на вчерашниот ден Бадали е уапсен и задржан во притвор за натамошна процедура.

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.