Дојче Веле: Шоуменот Трифонов ја втурна Бугарија во политичка криза

Во шоубизнисот и во политиката вистинскиот тајминг има големо значење. Слави Трифонов, бугарски шоумен и претседател на популистичката партија Има таков народ (ИТН), веројатно точно знаеше што прави кога во средата (08.06.2022) ја втурна земјата во тешка политичка криза. „Од денеска партијата Има таков народ ги повлекува своите министри и става крај на оваа коалиција и на оваа агонија“ – со оваа порака на Фејсбук, Трифонов, долгогодишен шоу мајстор, пејач, сопственик на ТВ станица и од 2020 година основач и претседател на популистичката партија ИТН, се обрати до бугарската јавност по владина седница.

Ако се праша популистот Трифонов зошто наредил повлекување од коалицијата, ќе се добие овој одговор: „Причините зошто оваа коалиција не функционира и зошто ние веќе не сме во неа, се двојни: Македонија и фактот што државата веќе нема пари.”
Слави Трифонов ја втурна Бугарија во политичка криза!

Без 25-те пратеници на  Трифонов,  и реформската влада на премиерот  Кирил Петков,  составена од четири партии, го губи мнозинството. Петков сепак сака да ја продолжи работата, во што ќе биде зависен од гласовите на опозицијата. Последиците од бугарската криза би можеле брзо да се почувствуваат на меѓународна сцена. Прв тест ќе биде посетата на германскиот канцелар  Олаф Шолц  на Софија (11.06.2022), кога во фокусот ќе биде бугарското вето против почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Владината криза го прави уште поневеројатно постигнувањето единство во важни интернационални прашања.

Потрага по причините

Ако се праша популистот Трифонов зошто наредил повлекување од коалицијата, ќе се добие овој одговор: „Причините зошто оваа коалиција не функционира и зошто ние веќе не сме во неа, се двојни: Македонија и фактот што државата веќе нема пари.”

Во растечкиот конфликт околу приемот на соседната Северна Македонија во ЕУ, кој Бугарија го блокира, Трифонов го обвинува премиерот Кирил Петков за заобиколување на министерката за надворешни работи од партијата на Трифонов, ИТК, Теодора Генчовска, со сопствени иницијативи. Петков самоиницијативно ѝ навестил на ЕУ кревање на бугарското вето, што за популистот Трифонов е „национално предавство“.

Румена Филипова, директорка на Институтот за глобални анализи од Софија, има поинакво толкување: „Спорот со Северна Македонија очигледно се става во прв ред само како изговор. Зашто, премиерот Петков во повеќе наврати истакна дека за одлуката во врска со Македонија, ќе се гласа во парламентот.“

И втората причина за повлекување од владината коалиција, наведена од Трифонов, отвора загатки. Неговата одлука следува по одбивањето на премиерот Петков и министерот за финансии Василев, при претстојниот ребаланс на буџетот да се одвојат 3,6 милијарди лева за Министерството за регионален развој, раководено од партијата на Трифонов. Петков и Василев тоа го образложија со околноста што постојат веќе склучени договори од претходната влада, кај кои во минатото 50 до 80 проценти од парите за инфраструктура се губеле поради корупција.

„Политички холограм“

Двете објаснувања од Трифонов се само делумно убедителни. Румена Филипова е сигурна: „Кризата е предизвикана пред сѐ од некооперативното однесување на партијата на Трифонов. Зошто тој ја напушта владата токму во момент на тензичната атмосфера на руската војна против Украина, Трифонов не можеше никогаш точно да објасни.“

Карактерот на Трифонов може да понуди натамошно објаснување за неговиот често скоковит и нелогичен политички стил: уште летоска тој ја втурна земјата во серија од нови избори, одбивајќи како изборен победник какви било коалициски преговори. Според непотврдени медиумски извештаи, тој со години страда од мултипла склероза, и од почетокот на пандемијата со Ковид-19 ригорозно се изолира од јавниот живот. Со своите министри и со пратениците наводно комуницира преку месинџер, а до неговите избирачи се обраќа исклучиво преку Фејсбук. Тони Николов, автор на бугарскиот портал Култура, затоа неодамна го нарече „политички холограм“.

Се очекува пресметка во парламентот

Премиерот Петков уште во средата реагираше со недвосмислена порака: ќе ја продолжиме работата како малцинска влада. Во ваков прилог се изјаснија неговите партнери од Социјалистичката партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ). „Заминувањето на Трифонов може да ги консолидира преостанатите три партнери, но работењето во парламентот ќе биде уште потешко“, вели Румена Филипова.

Како тоа може да изгледа се покажа синоќа (09.06.2022), кога предлогот за ребалансот на буџетот се најде во пат ситуација – 11:11 гласови и не успеа да помине во надлежната парламентарна комисија. Следната недела ќе дојде до голема пресметка во пленарната сала: ако Петков не успее да го обезбеди потребниот 12-ти глас од опозицијата за буџетот, владата ќе се најде пред пад. Неговата влада се заканува да стане играчка во рацете на опозицијата. На лидерот на опозицијата и поранешен долгогодишен премиер, Бојко Борисов, со оглед на актуелните анкети на јавното мислење, според кои ниеден сојуз не би добил јасно мнозинство, се чини не му се брза. Претседателот на државата Румен Радев, некогаш поддржувач, а сега огорчен противник на прозападниот Петков, се држи воздржано и само ги повика партиите да најдат решение за да се избегнат нови избори.

Македонија, НАТО и Русија

Додека  владата на Петков  се бори за внатрешнополитичко преживување,  Бугарија во моментов се наоѓа во центарот на меѓународните интереси: утре (11.06.2022) германскиот канцелар Олаф Шолц  патува во Софија за да посредува во спорот околу приемот на Северна Македонија во ЕУ. Премиерот Петков во ова прашање навести спремност за компромис, но против себе ги има парламентарното мнозинство, претседателот Радев  и мнозинството од јавното мислење. Истото важи и за прашањето околу воена помош за Украина или за диверзификација на енергетското снабдување на земјата.

Степенот на комплицираност на владината криза во Бугарија врз внатрешно и надворешнополитичките прашања го сумблимира Мартин Коте, раководител на софиското биро на фондацијата „Фридрих Науман“: „Ова е вистинска несреќа: Слави Трифонов покажа дека неговата партија не може да се носи со одговорноста. Сега е во прашање спасување на борбата против корупцијата и новата судска реформа. Истовремено, Бугарија мора да достави доказ дека е цврсто закотвена во НАТО и во ЕУ и, со оглед на руската агресорска војна против Украина, дека нема да дозволи да биде наведена на патот на Кремљ. За двете прашања во парламентот може да се најде мнозинство, но само со различни партии. Премиерот Кирил Петков значи стои пред вистинска Херкуловска задача.“

Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.