Драстично порасна бројот на бездомници во Германија

Во Германија драстично е зголемен бројот на луѓе без постојан покрив над главата, како и на граѓани кои живеат на улица, соопшти денеска социјалното здружение Федерална работна група за помош на бездомниците.

„Бројот на луѓе без дом драстично се зголеми во 2022 година во однос на 2021 година, што е поврзано со пристигнувањето на голем број бегалци од Украина кои се уште не се сместени во постојани домови“, се вели во соопштението на Федералната работна група за помош na бездомниците (BAG).

Во текот на 2022 година, 607.000 луѓе во Германија биле без постојано сместување, а околу 50.000 живееле на улица. Тоа е за 58 отсто повеќе од 2021. Порастот на бездомниците е особено изразен кај лицата со странско државјанство, што е поврзано со големиот прилив на бегалци од Украина кои немаат постојан покрив над главата.

„Нема да биде доволна изградбата на 100.000 нови станови“
Сепак, како што истакна директорката на BAG, Верена Розенке, „инфлацијата, зголемувањето на кириите и зголемувањето на цените на енергијата се главните причини поради кои луѓето завршуваат на улица“.

Во групата на најзагрозени граѓани спаѓаат едночлени домаќинства, самохрани родители и парови со голем број деца.

Кај бездомниците со германско државјанство, 21 отсто завршиле на улица поради долгови за кирија и комуналии, 20 отсто поради конфликти со соседите, а 16 отсто поради развод.

BAG смета дека плановите на Владата за изградба на 100.000 нови станови во секторот за социјални станови нема да бидат доволни за да се ублажи проблемот со бездомниците.

За разлика од Сојузниот завод за статистика, BAG вклучува бездомници кои привремено нашле сместување кај пријатели или роднини и затоа нивниот број е поголем од официјалните бројки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.